Денеска кавадаречкиот совет одржа две вонредни седници, на кои советот донесоа значајни одлуки. 200 милиони денари што ЈП Комуналец во изминативе 10 години ги акомулирало како добивка ќе бидат прераспределени. Исто така беше прифатена иницијативата за зголемување на вкупното даночно задолжување од данок на имот на физички и правни лица. Со направеното ажурирање на базата на податоци, за данок на имот се евидентирани нови 4500 даночни обврзници кои досега не плаќале данок на имот.
Овие две одлуки пред советот ги образложи градоначалникот Митко Јанчев, кој нагласи и дека со решавањето на предметите за легализација бројот на даночни обвзници и парите од данок на имот што се слеваат во општинската каса дополнително ќе се зголемат.
Во рамки на деветата седница советот ја прифати и понудената донација од фондацијата „Никола Јанчев“ во 120 прочистувачи на воздух кои ќе бидат распределени во секоја училница од основните училишта. Станува збор за донација од 36 илјади евра.
Во рамки на седницата можеа да се слушнат бројни обвинувања помеѓу советниците кои доаѓаат од партиите кои ја предводат актуелната и ја предводеа поранешна централна власт.