Амбасадорката на Хрватска, Нивес Тигањ, денес ја посети општина Битола, каде имаше средба со градоначалникот Тони Коњановски.
Од страна на градоначалникот, пред амбасадорката беа претставени клучните приоритети на чија реализација е насочена општината, посебно во делот на подобрување на инфраструктурата во општината, подобрување на квалитетот на животната средина, но и културниот, туристичкиот и економскиот напредок на Битола.
За време на состанокот, беа разгледани можностите за продлабочување на соработката, особено преку можноста за збратимување на Битола и Осиек, а беше искажан и интерес за повторно ставање во функција на конзуларното претставништво во Битола, со именување на почесен конзул, што дополнително позитивно ќе влијае на реализација на заеднички активности.