Ужасна импровизација и нехуман третман на животните се судбина на кучињата во Штип, реагираат од Здружението за заштита на животните, Анима мунди.
Нивното соопштение го пренесуваме во целост:
Воедно ветеринарните лица масовно еутаназираат (официјално 1/3 од заловените кучиња), а патем ја лажат јавноста дека кучињата се закана по здравјето на граѓаните, а дека одговорноста за граѓанската безбедност лежи на ветеринарните лица.
Цитираме: „Овој потег е неопходен, зашто доколку во следниот период некое лице се зарази со лишманија, одговорноста ќе ја сноси ветеринарната станица. Според податоците од терен, улиците во градот едноставно се преплавени од кучиња скитници.“
Кои се овие небулози, лаги, невистини? Кому ветеринарот Крсто Митов ги продава приказните за масовна појава на лишманија и некаква си наводна одговорност која би ја сносувала ветеринарната станица, доколку од лишманија се заразат луѓе? Ветеринарот Крсто Митев и Ветеринарната станица Штип треба да одговараат за масовно убивање на животните во минатото, за што имаше сведоштва и докази, за што го тужевме и за што беше симболично казнет, по што во нормална држава ќе му беше одземена и дозвола за работа!
ПОТЕНЦИРАМЕ дека болеста лишманија не се пренесува преку кучињата преку никаков контакт – допир, галење, играње, а ниту пак со угриз од животно; туку исклучиво преку мушички преносители и само со нивно сузбивање се сузбива ризикот по човечкото здравје.
Во однос на времената дозвола за работа издадена од АХВ со која се стави во функција лимениот „стационар“ во општина Штип во кој во лето ни камили не би опстоиле, а камо ли кучиња, најгрубо се кршат одредбите од Законот за заштита и благосостојба на животните како и Правилниот за техничките услови за прифатилишта, за што ќе поднесеме тужба.