Од ТППЕ Велес апелираат до граѓаните да не палат оган на отворен простор и да не палат стрништа, бидејќи поради ветрот истиот брзо може да се прошири и да предизвика огромна штета и по шумите и населените места.
Воедно апелираат до граѓаните доколку забележат пожар веднаш да ги информираат надлежните во ТППЕ на бројот 193 или на бројот за итни повици 112.
Вчера околу 15 часот се запалил блок со стрниште кај велешкото село Рлевци и бил пријавен во Центарот за управување со кризи Велес во 15,05 часот. Со брза интервенција на пожарникарска екипа од ТППЕ Велес, која се упатила со едно возило за гаснење и со четворица пожарникари, пожарот бил изгаснат во 16,50 часот. Со тоа било спречено пожарот да се прошири, информираат за МИА, од ЦУК Велес.
Во минатонеделниот пожар кај велешкото село Мамутчево, по запалено стрниште поради ветрот пожарот се прошири и на боровата шума. Како последица на пожарот од запалено стрниште целосно изгоре огромно пространство на квалитетна над 50 години борова шума кај селото Милино во Општина Лозово. (МИА)