Сите тетовски градинки без исклучок се места каде има огромни купишта смет оставени покрај преполните контејнери, па наликуваат на депонии среде урбана средина. Кај градинката Поток, комуналното претпријатие ги отстрани контејнерите од пред објектот, со цел да се оневозможи оставање смет пред самиот влез. Поставен беше само еден контејнер во дворот, одзади објектот за потребните на градинката. Но сега иако е во внатрешноста, и тој контејнер се полни и се создаваат поголеми купишта.
Дел од соседите сметаат дека одговорноста е во вработените во градинката.
– Се соочуваме со непријатна миризба, ѓубре низ цело маало и собирање на кучиња поради остатоците од храна што ги фрлаат од самата градинка. Не ни може да се седи во двор, ниту да се отвори прозорец. Ѓубрето е извор на бактерии, а деца играат и во градинката и во маалото, велат жителите кои се обратија до нашата редакција.
Директорката на Општинската јавна установа детски градинки „Младост“-Тетово, Фатлинда Јаја вели дека во градинката Поток се соочува со несовесност на граѓани, пред сè од други населби и населените места. Објаснува дека секоја градинка има контејнер за свои потреби но дека тоа се злоупотребува од граѓаните кои и покрај преполните садови оставаат купишта смет.
– Внатре во градинките контејнерите се предвидени само за потребите на градинките. Не создаваме многу смет. Главната кујна е во Тетекс, таму има повеќе смет. Во Поток се фрлаат само еднократни пелени. Сега има и случаи кога пример се шиша тревата па има малку повеќе, но одговорно тврдам поголемите количини смет се од граѓаните, погледнете каков смет е фрлен и ќе ви стане јасно. Таков отпад нема во градинките, изјави Фатлинда Јаја.
Љуљзим Шаќири од Јавното комунално претпријатие (ЈКП) Тетово тврди дека тековно сметот се собира,а исто така потенцира дека граѓаните не треба да оставаат смет покрај преполните контејнери.
– Кај што имавме контејнери, ги тргнавме од пред градинката Поток, моравме за потребите на градинката да ставиме еден внатре, пак фрлаат и соседите и од други места. Тековно се собира сметот, но има некои локации каде што граѓаните го сметаат како депонија и оставаат. Пример имаме некои рурални општини каде не се извршува соодветно собирањето на сметот како што треба од страна на фирми-концесионери па на граѓаните им останува сметот дома. Што прават тие, го носат сметот во Тетово и го оставаат покрај преполните контејнери. Ние пробуваме максимално да се подигаат контејнерите, намалени се количините смет што се остава, заминаа печалбарите, изјави Шаќири.
Купиштата смет каде има остатоци од храна се причини многу бездомни кучиња да бидат присутни околу контејнерите. Така граѓаните се соочуваат и со уште една опасност да бидат нападнати од бездомните кучиња.
– Таков проблем имаме кај градинката Спортски центар и тука сме почнале постапка да се отстранат контејнерите. Но пак проблем се несовесните граѓани кои оставаат се и сешто. Чуварите во градинките нема. А и да има што ќе прават со несовесните. Слики имаме како фрлаат кај контејнерите пред Тетекс. Цело Фалише фрла смет кај контејнерите пред Тетекс, цело Ѓермо и Дреновец носи во Поток. И внатре влегуваат за да оставаат смет. Пријавено е во СВР Тетово, дека ни го оштетија новото детско катче во дворот од градинката Поток, објаснува директорката Фатлинда Јаја.
Според директорката, кај некои од градинките не помага ни тоа што има натпис на кој е назначено дека има видеонадзор, па и покрај тоа продолжува оставањето отпад пред контејнерите.
Оставањето смет значи потенцијална опасност по здравјето на граѓаните, постојано предупредува докторот Ратко Давидовски од Центарот за јавно здравје, со специјалност по здравствена екологија и хигиена.
– Самата непријатна миризба ја загрозува социјалната благосостојба, тоа е основен постулат на Светска здравствена организација. Покрај тоа, отпадот што е биоразградлив , а особено на топло време развива бактерии и така претставуваат ризик по јавното здравје поради опасност од појава на бактериски зарази, потенцира д-р Давидовски.
За подобрување на состојбите, односно за посоодветно собирање смет, Општината во јуни 2022 донесе дополнителен број нови 15 полуподземни контејнери, како и 100 контејнери добиени како донација од турска општина. За полуподземните контејнери беа набавни и две специјални возила. Од 15-те полуподземни контејнери осум контејнери се од 3000 литри и седум од 5000 литри. (МИА)