Во сите шест тетовски општини гласањето на претседателските избори е започнато точно во 7 часот и се одвива без проблеми.
Промена од поранешните гласања е промената на локација на три избирачки места во Тетово.
Општинската изборна комисија Тетово информира дека гласачките места 1959, 1960 и 1963 наместо во објектот на општинската организација Црвен крст отсега ќе се наоѓаат во просториите на основното училиште „Гоце Делчев“ на улицата „Иво Лола Рибар“.
– Дислокацијата е направена поради промена на статусот на објектот каде бил сместена општинската огранизација на Црвениот крст во Тетово на улицата „Борче Кочовски“, изјави Артан Адеми, претседател на ОИК Тетово.
Во шестте општини на тетовскиот регион на денешните претседалските избори можност за гласање ќе имаат вкупно 181.933 граѓани со право на глас, на вкупно 265 избирачки места.
Во општина Тетово, има 83.367 гласачи распределени на 117 избирачки места. Во Боговиње има 27.501 гласачи и 38 избирачки места. Во Желино општинска изборна комисија има 23.510 гласачи, а бројот на избирачки места е 35.
Теарце брои 22.116 гласачи и 30 избирачки места. Во Брвеница има 24 избирачки места каде ќе може да гласаат 15.268 граѓани. Во општина Јегуновце се регистрирани 10.171 гласач и 21 избирачко место.