Подобрување на условите за одвивање на наставата во Илинден и модернизација на образовниот процес се едни од најважните области за кои се предвидени голем број на проекти во изборната програма, ова денеска преку изјава за медиумите го истакнува Александар Георгиевски, кандидат за градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ за општината Илинден.
-Во програмата е предвидена реконструкција на сите основни училишта на територијата на општината, со цел подобрување на основите за одвивање на наставата. За да создадеме подобри услови за учениците во ООУ „Ристо Крле“ во населеното место Кадино, предвидена е целосна замена на кровната конструкција на училиштето. Еден од најголемите проекти од областа на образованието е воведувањето на целодневна настава во ООУ „Гоце Делчев“ во населбата Илинден, за учениците од 1 до 5 одделение од територијата на целата општина. Со воведување на целодневна настава за учениците од 1 до 5 одделение од целата општина, тие би биле згрижени во училиштето до попладневните часови, а времето ќе им биде исполнето со воспитно-едукативни активности и ќе се реши голем проблем за родителите, кои немаат кој да се грижи за нивните деца додека тие се на работа. Дополнително, поради големиот проблем со создавањето на сообраќаен метеж пред училиштето, во план е изградба на паркинг со што ќе се зголеми безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Од аспект на модернизација на образовниот процес, предвидена е набавка на наставно образовни помагала – „Смарт табли”, со што би се зголемил квалитетот на образовниот процес на учениците и наставниот кадар, вели Георгиевски.
Тој додава дека во програмата е предвидено најуспешните 50 ученици од основни училишта од општината да имаат можност да присуствуваат на летен камп во некој од домашните туристички центри.
-Сите овие проекти и многу повеќе гарантираат подобрување и модернизација на одвивањето на образованието во Илинден. Токму овие проекти се причината поради која на 17 октомври жителите на Илинден својата поддршка ќе ја дадат на Александар Георгиевски и листата на советници на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“, вели Георгиевски.