Кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ Ладо Глигороски на денешниот предизборен митинг во Општина Долнени истакна дека актуелната власт донесе апатија и многу голема сиромаштија, поради што многу од граѓаните немаат ни основни услови за живот, затоа порача дека на овие избори доаѓа крајот на ова корумпираното владеење.
– Нашите села згаснуваат како резултат на неплатената земјоделска мака. Нашите деца се иселуваат масовно, како резултат на тоа што власта не сака да им обезбеди основни услови за живот и напредок. Имало моменти кога тоа било потешко и полесно, но ваква состојба, вакво пустошење, уништување и хаос, ќе признаете немало никогаш, вели Глигороски.
Тој посочи дека оваа владејачка структура на ДУИ и СДСМ не само што не гради соживот и разбирање, туку сака во корен да го поништи обичниот човек и работник.
– Низ нашите села има училишта без вода, со полски тоалети, улици со кал, села без патишта, без водовод и канализација За нашите деца тука нема паркови, игралишта, нема градинки, нашите деца и млади не постојат за оваа власт, рече тој.
Глигороски истакна дека токму затоа доаѓаат промените, а неговата програма ќе донесе подобар живот и иднина.
– Новата иднина од програмата на ВМРО-ДПМНЕ за Долнени предвидува изградба, асфалтирање и рехабилитирање на повеќе патишта, меѓу кои: Дупјачани до Десово, Новоселани-Заполжани, Бело Поле-Вранче-Средорек, Лажани-Кошино, Рилево-Ропотово и уште десетина други патишта кои значително ќе ја подобрат поврзаноста на нашите села. Предвидуваме изградба на нови улици во Дебреште, Десово, Бело Поле, Гостиражни, Сенокос, Секирци, Лажани, Пешталево, Сарандиново, Ропотово, Долнени. Секое населено место ќе добие свое катче за одмор и рекреација со зеленило и урбана опрема, вели тој.
Глигороски додаде дека ќе настојува општина Долнени да добие служба на брза помош, противпожарна едница, а ќе ги реновира училиштата и спортските игралишта.
– Во програмата предвидуваме и изградба и доградба на канализации и водоводи во десетина населени места, проекти кои значително ќе им го подобрат и олеснат животот. Ќе ги поддржиме сите спортски клубови и предвидуваме стипендии и награди за најдобрите ученици и спортисти во нашата општина. Ова се само дел од проектите кои ќе го вратат животот и ќе ги донесат промените во нашите села. Ако сега не ставиме крај на оваа апатија и хаос кој владее со Македонија, тогаш се помалку родни огништа ќе продолжат да опстојуваат и ќе дојде ден кога ќе ни ја снема и целата општина, изјави Глигороски.
—