Голем пожар кој се шири многу брзо го зафати светниколско село Ќоселери. Командирот на Противпожарната едница на Свети Николе, Кирил Колев вели дека станува збор за пожар, што се шири многу брзо, заради ветерот.
-Зафатени се десет ридови и борова шума, станува збор за големо просторанство и засега неможеме да кажеме за колкава површина е зафатена. На терен сме сите пожарникари од ТППЕ Свети Николе, на помош ни дојдоа и пожарникарите од Штип, а ги чекаме и од Велес. Ангажирана е и земјоделска механизација, а исто така и вработени од шумското стопанство, вели Колев.
Тој истакна дека пожарот се движи кон селото Богословец, односно кон штипскиот регион. Пожарот што во моментов беснее во светниколскиот регион е на терен што е непристапен. Во гаснењето на оваа огнена стихија се ангажираа и авионите, односно ер тракторите, кои веќе се вклучени во гаснењето на пожарот. Според првичните информации станува збор за пожар, што е предизвикан од запалено стрниште.
Градоначалникот на Општина Свети Николе, Сашко Велковски вели дека зафатена е површина од над 200 хектари од борова шума и ниска трева.
-Екипите на ТППЕ Свети Николе и Штип, Македонски шуми, Дирекцијата за спасување, ЈКП Лозово и Доброволното противпожарно друштво интензивно работат на гаснење на пожарот. Заедно со градоначалникот на Лозово сме на терен и помагаме во гаснењето на пожарот, вели Велковски.
Изминатите две недели светиниколските пожарникари се постојано на терен и во текот на денот гаснат по неколку пожари предизвикани од запалени стрништа. Но, според Колев овој е еден од поголемите, со коишто денеска се соочуваат на теренот.