вторник, 14. ноември 2023. Вести денес: 0
home Општини

Хаџи Маќелара прогласен за почесен граѓанин на Дебар

Хаџи Маќелара прогласен за почесен граѓанин на Дебар

Градоначалникот на Дебар Хекуран Дука му врачи признание „Почесен граѓанин на Дебар“ на познатиот уметник Хаџи Маќелара, роден дебранец кој живее во Соединетите Американски Држави. Признанието му беше врачено на посебна свеченост организирана од Општина Дебар.

Одлуката за негово прогласување за почесен граѓанин, донесена на предлог на градоначалникот Дука, пред присутните ја прочита Фуат Спахиу, претседател на Советот на општината.

-Четириесет години богата уметничка кариера со многу награди и признанија од сите области каде што живеат Албанците и пошироко. Композитор, изведувач на народни песни, кореограф, патриот, сакан од сите, амбасадор на дебарската култура на сите национални културни манифестации. Многу успеси и во иднина, рече, меѓу другото, градоначалникот Дука.

Маќелара, кој е родум од Дебар, а живее во САД, се заблагодари за честа да го добие највисокото општинско признание.

– Познат сум и по тоа што сум голем говорник, но, простете ми, ме надвладеаја емоциите. Живеам далеку од мојот роден Дебар, каде го поминав детството и младоста и каде ја почнав кариерата, но секогаш го носам во моето срце. Физички сум многу далеку, но душата е тука. Мојата голема љубов за тоа ја пренесов во песната „Горд сум што сум дебарчанец”. Голема благодарност, рече Маќелара.

Претходно тој имаше средба со градоначалникот во неговиот кабинет, а вечерва ќе се одржи ретроспектива на неговиот музички опус.