Битолчани вечерва на плоштадот „Магнолија“ одржаа мирен протест под мотото „Сите сме Јана“, девојчето кое неодамна за време на лекарски преглед почина во ЈЗУ Клиничка болница „Др Трифун Пановски“-Битола.
Протестот го организираа роднини и пријатели на семејствтото Христовски кои со транспаренти во рацете искажаа сочувство за прераната смрт на Јана Христовска, но и јавно незадоволство за состојбите во македонското здравство.
-Ние не можеме назад да ја вратиме Јана, но сакаме колку што е можно повеќе да спасиме други дечиња да не ја доживеат истата судбина, истакна Игор Петковски на вечерашниот мирен протест во Битола.
Битолчани очекуваат резултати од обдукцијата, точна информација од стручните комисии, и порачаа дека ако е потребно нека се вклучат и странски експерти за утврдување на причините за смртта на Јана Христовска.
Истовремено протест се одржа и пред Министерството за здравство во Скопје, каде исто така беа побарани одговори за причините за смртта на Јана.