Кандидатот за градоначалник на општина Кавадарци од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Митко Јанчев денеска на прес-конференција презентираше повеќе нови проекти од неговата предизборна програма кои треба да се реализираат во неговиот нов мандат.
Во продолжение интегрален текст и видео од прес-конференцијата на Јанчев:
Почитувани,
Денес ќе ги претставиме дел од проектите од нашата изборна кампања, кои сигурно ќе се реализираат во наредните четири години. А, може и за помалку. А, кои значително ќе го подобрат функционирањето на сите нас и во Кавадарци, во приградските населби и села.
Кружен тек на раскрсница на улицата „Шишка“ со улица „Видое Смилевски Бато“. Со реализацијата на овој проект ќе се подобри безбедноста на сообраќајот и ќе се подигне поголема динамика во протокот на возилата и одвивање на сообраќајот.
Реконструкција на патот село Мрежичко до село Мајден. Реконструкцијата на патот во должина од 10 километри и со ширина од 5 метри ќе ја подобри патната инфраструктура во овој рурален предел и ќе се создадат услови за развој на пограничката соработка. Проектот ќе се реализира во соработка со јавното претпријатие за државни патишта.
Влез од Дреново во Кавадарци со проширување на трета лента, од капелата до Југо комерц. Овој проект е во склоп со реализираниот проект за Западниот булевар, со проширувањето на овој влез во градот со должина од 1.1 километар и со површина од 6.060 метри квадратни. Ќе се овозможи полесен тек и поголема безбедност во сообраќајот.
Исто така проширување на патот и доградба на делот Горна и Долна Бошева со спојување во делот до Конопиште. Овој проект ќе се реализира исто така со јавното претпријатие Македонија – пат.
Сето ова ќе придонесе за значително подобрување на протокот на возилата, најважно за безбедноста во сообраќајот, појасни Јанчев.