Каратистот Емил Павлов шести пат е спортист на годината во Општина Штип. Манифестацијата „Спортист на годината“ се одржа согласно здравствените протоколи, а признанија им беа доделени на повеќе спортисти и спортски работници од различни категории.
Комисијата за избор на спортист на годината во Општина Штип го избра Емил Павлов, повеќекратен европски првак. Тој истакна дека упорноста, пожартвуваноста и желбата да се постигне успех се неговите водилки, а во мај очекува да ја постигне и нормата, со што ќе може да се натпреварува и на Олимписките игри во Токио. Пандемијата и замирањето на сите спортски натпревари во 2020 година, за Павлов биле можност да ги санира сите помали повреди, но и упорно да тренира.
-На почетокот на годината успеав да го освојам тој златен медал во светската Премиер лига. Јас сум оптимист и овој период го искористив да бидам уште подобар, сега сум и поискусен, можам да кажам дека си го одморив и телото, санирав некои ситни повреди и сега сум полн со желби и постојано тренирам, рече Павлов.
Градоначалникот на Штип Сашко Николов ја истакна својата континуирана поддршка за спортот и изјави дека Општина Штип согласно со Програмата за активности од областа на спортот и во 2021 година ќе продолжи да ги стимулира сите предвидени активности и да прави соодветна афирмација на сите постигнувања.
– Дозволете да упатам срдечни честитки до сите вас и да ви посакам уште многу успеси. Сите вие сте млади, а веќе доволно истакнати. Вашите успеси се слика на нашиот град. Вие сте одраз на приматот што го има Штип како универзитетски, културен и спортски град. Порачувам сите вие да бидете пример за сегашните и за идните генерации. Нашиот град се гордее со вас. Ние како општински тим сме горди на вашите резултати, истакна Николов.