сабота, 24. февруари 2024. Вести денес: 0
home Општини

Коњановски: Создаваме нова иднина за Битола – Гарантираме вработување на најдобрите студенти, ќе создаваме услови младите да останат тука

Коњановски: Создаваме нова иднина за Битола – Гарантираме вработување на најдобрите студенти, ќе создаваме услови младите да останат тука

Ако во минатото младите ја напуштале Битола за парче леб, денес младите ја напуштаат Битола за парче почит и зрно надеж за поквалитетен живот, порача во своето видео обраќање кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за општина Битола, Тони Коњановски.

-Денес младите се иселуваат заради неправдите кои секојдневно им се случуваат почнувајќи од образовниот процес, шансите за еднакво оценување и запишување на факултет, шансите за еднаков третман при вработување се до интернет просторот каде се целосно незаштитени и оставени на нападите на секакви предатори. Со само една објава на интернет некој може да формира ваква или онаква т.н. „соба“ и засекогаш да уништи стотици млади животи. Денес младите се иселуваат бидејќи правната држава не функционира, а тие се оставени без заштита и шанса за праведна иднина. Денес младите во Битола се пред најголемиот предизвик – каде да се вработат? Работни места или нема или се малку и несоодветни на нивното образование. Општината во изминатите 4 години комплетно го блокираше развојот на локалниот бизнис и директно ги стопира новите стручни работни места. Денес младите во Битола не само што немаат културно-спортска понуда за квалитетно слободно време туку немаат ни право на иницијатива да се самоорганизираат и да го остварат својот креативен потенцијал. Денес во Битола, културните лета се креирани од администрацијата, наместо од стручните луѓе во културата. Мои битолчани, гарантираме заштита на секој млад човек, да се чувствува безбедно на училиште, на улица и во интернет просторот, истакна Коњановски.

Гарантираме силна и конкретна поддршка за локалниот бизнис за да се отворат нови работни места за младите. Гарантираме отворена општина, заедно да ја креираме понудата за културни настани за младите. Гарантираме нов мултифункционален спортски центар со интересни содржини што одговараат на времето во кое живееме. Гарантираме вработување на најдобрите битолски студенти и нивно вклучување во реализацијата на развојната визија за Битола. Младите се иднината на Битола, да создадеме услови тие да останат овде – во Битола! Порача тој.