среда, 28. февруари 2024. Вести денес: 0
home Општини

Крушево го одбележува 38. роденден на Тоше, фановите од земјава и странство веќе пристигнаа

Крушево го одбележува 38. роденден на Тоше, фановите од земјава и странство веќе пристигнаа

Крушево денеска го одбележува 38. роденден на Тоше Проески, на својот сограѓанин, на македонската и балканска музичка ѕвезда, на човекот со огромно срце за помош на секого. Во чест и спомен на Тоше, оганизирани се повеќе манифестации. Пред сѐ, посета и почит пред неговото вечно почивалиште на Гумење. Фановите од земјава и странство веќе пристигнаа во Крушево. Од пред два дена пристигнаа неговите поддржувачи од Словенија, Србија, од Бугарија. Тие се во Крушево, да му оддадат почит на Тоше, да потсетат на него, пеејќи ги неговите песни.

Во одбележувањето на роденденот на Тоше се вклучени: Меѓународната фондација „Тодор Проески“, музејот Спомен-куќа на Гумење и крушевската локална самоуправа.

Организираното одбележување почнува од 11:30 часот кога приврзаниците на Тоше, фановите, претставниците на инситуциите ќе го посетат неговото вечно почивалиште на Гумење.

Напладне, во спомен-куќата на Тоше почнуваат манифестациите. Учениците од крушевското училиште „Наум Наумоски Борче“ ќе читаат извадоци од песните на Тоше, ракотворци од Битола ќе изработуваат дела од срма и монистра тематски поврзани ликот и делото на Тоше Проески, а ќе настапат и поединци: Сотираки Чакалар, Марија Котеска и Елена Ристеска.

Цело време денеска од 9 до 16 часот, во Спомен-куќата, ќе се одржува традиционалната крводарителска акција во чест на Тоше.

Спомен-куќата на Тоше Проески на Гумење содржи над 350 експонати поврзани со Тоше, а од 2011 година, кога е отворена, ја посетиле преку 650.000 гости од кои 30 отсто од странство. Како што информира директорката на Музејот, Елена Мирчевска, дел од фановите од соседните земји веќе во Крушево се последните два дена.

Тоше Проески трагично го загуби животот во тешката сообраќајна несреќа што се случи на 16 октомври 2007 година кај Нова Градишка во Хрватска.