КУРИР: Кој е мотивот на еден лекар да влезе во градоначалничка трка?
-Мотивот за да влезам во оваа трка е желбата за поубав град. Желба да го видам мојот Пробиштип повторно издигнат на местото што го заслужува. Или да го парафразирам тоа со други зборови кои често се употребуваат во Пробиштип: „Затоа што ми е гајле!“. Навистина голема грижа ми е каде ќе се движи, каде ќе оди мојот град. Поврзано со мојот професионален – докторски ангажман до сега имав понуди за надвор од Пробиштип, но сето тоа го пуштив низ вода, затоа што одлучив да продолжам да живеам и да го градам мојот живот и животот на мојата фамилија овде, во ова мало гратче, кое за мене претставува сè.
Свесен сум за сите последици кои може да се отсликаат на мојот иден професионален ангажман,пред се од политичката репресија која лебди над градот, но од друга страна желбата за подобро утре на мојот град и моите сограѓани е најголемиот мотив за да го прифатам овој пат исполнет со многу предизвици.
КУРИР: На што најмногу се жалат граѓаните во Пробиштип?
-Секој жител на Пробиштип се соочува со одредени, поединечни проблеми, но најголемиот проблем со кој сите се соочуваме е неажурност и лошото менаџирање со локалната самоуправа. Начинот по кој денес тоа го работи актуелната локална власт предводена од СДСМ е навистина големо разочарување. За сите! Нетранспарентното работење, поделеноста по наши и ваши, удоволувањето и работењето исклучиво за одредени кругови и нивните бизнис интереси е она на што најмногу се жалат пробиштипјани. Повторно ќе ја споменам транспарентноста, на која актуелната власт изгуби толку многу зборови, а во реалноста не спроведе ништо. Не можеше да спроведе ништо, затоа што начинот на кој што го постави своето владеење беше погубен за целиот град. Овде како пример би го споменал начинот на управување со локалната власт во времето на владеење на ВМРО-ДПМНЕ, поточно од 2009-2017 година. Во тој период општина Пробиштип се најде на високото 6 место во Македонија според индексот на активна транспарентност, за денес општина Пробиштип да биде на ниското 64-то место. Во тоа време општинскиот буџет се креираше на отворен и транспарентен начин, заедно со жителите на општина Пробиштип, преку организирање на буџетски форумски сесии, кои беа отворени за сите заинтересирани граѓани и здруженија, преку средби со Претседателите на месните заедници и содржеа проекти кои ги бараа жителите за време на посетите на тогашната локална власт на сите населени места. Се организираа отворени денови за сите жители, средби на кои секој имаше право слободно да си го искаже своето мислење. За разлика од тогаш, денес, со локалната и централната власт предводена од СДСМ на толку фалење и „заложби” за транспарентно работење на сите институции, сведоци сме на крајно нетранспарентни постапки на секое поле. Затворени како работно единица, не пристапни за сите кои јавно им опонираат.
Видете, луѓето во Пробиштип важат за исклучиво скромни луѓе, луѓе кои во себе носат огромно разочарување од сите политики кои актуелната локална и централна власт им ги наметнува и токму тоа разочарување ќе биде пресудно за резултатот на овие локални избори.
КУРИР: Кои проблеми ќе бидат приоритет за решавање?
-Проблеми за решавање има многу, но најголем приоритет ќе дадеме за заштита на животната средина и економскиот развој. Бидејќи многу добро знаеме какво е влијанието на старата јаловишна депонија врз животната средина потребно е во целост и сите заеднички да се посветиме на решавање на овој проблем. Знаејќи дека овде има измена на целото законодавство, односно уредбите и начинот на кој што ќе се регулира ремедијацијата на контамиранотоземјиште, предизвикано со рударските активности, потребно е целата работа да се разгледа студиозно и да се имплементираат сите мерки, со цел да се изнајде ефикасно решение за санација, а не ситни дневни популистички методи со кои денес се служи локалната власт од СДСМ. Секако треба да ги споменеме и жителите на помалите места, кои овие 4 години се буквално запоставени. Во сите помали населени места, како таму да не живеат луѓе. Проблем кој навистина секојдневно ги мачи пробиштипјани се пречистителните станици за отпадни води по течението на Злетовска река. Дислокација на локалната депонија Озрен, која во последните години константно го труе градот Пробиштип и околните населени места. Непосветеното ангажирање и комплетната одговорност која со себе не ја носи локалниот инспекторат за животна срединае исто така сериозен проблем. Најпрост пример е тоа што локалната самоуправа се уште ги нема мапирано изворите на загадување на животната средина: локалните диви депонии, дивите ѓубришта, загадувачите, а да не зборување за нивно отстранување или санкционирање на прекршителите.
КУРИР: Го споменавте и економскиот развој, што ќе направите на тој план за градот?
-Економски силна општина е клучна за развој на животниот стандард. Главна цел за економски развој ќе ни биде општината да ја претвориме во атрактивно место за домашните и странските инвестиции(нови индустриски зони и нивна постојана промоција). Впрочем тоа и го покажавме на дело со изградбата и заживувањето на индустриските зони и целосната инфраструктура во нив. Покажавме дека тоа не е само парче хартија и парче земја, туку реален простор за развој на стопанството. За разлика од тогашниот економскиот развој и трите нови индустриски зони, кои беа оставени во наследство од локална власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ, сегашната локална власт успеа да „издејствува“ само еден мал објект, се разбира за марихуана, но и тој никако да проработи!
Нула нови индустриски зони. Нула нови инвестиции! Е тоа е главниот проблем во сегашноста!
КУРИР: Од кои начела ќе се водите во работата?
Транспарентност, принципиелност и отчетност. Можеби звучи како клише, но сепак, тоа се трите столба кои оваа локална власт во целост ги заборави овие 4 години. Овие три столба требаше да бидат надградени, а не целосно отфрлени. Ќе се навратам малку наназад и ќе кажам дека се заборавија буквално сите ветувања. Ветувањата за нови индустриски зони, за нови производни капацитети и за нови работни места! За 4 години имаме само празни ветувања и лаги. Во мојата благодарност кон граѓаните на социјалните мрежи истакнав и цврсто стојам на тој став дека навистина, не ми е ниту најмалку желба утре да бидам градоначалник по шаблон, туку важно ми е каде ќе оди овој град! Само со лична чест и посветеноста, кои ги обединуваат мислата, зборот и делото се решаваат проблемите на граѓаните и само така можеме да ја придвижиме нашата Општина кон својот развој и подем.
КУРИР: Оттука, кои цели очекувате да ги постигнете?
-Нашата главна цел ќе биде да понудиме реални проекти, за реалните и вистински потреби на граѓаните. За разлика од нив, нашите изборни програми се наменети за реалните потреби на граѓаните! Мора да го вратиме градот на тие што им припаѓа, да го вратиме на граѓаните. Граѓаните ја воочуваат разликата и после 4 години слободно може да се каже дека граѓаните знаат да проценат кој водел грижа и кој може да води грижа за нив со издржана понуда, а кој манипулира! Силно сум убеден дека заеднички можеме да ја вратиме светлоста на општината, а ние да бидеме горди граѓани на општина Пробиштип.