Градоначалникот на Велес преку статус на Фејсбук пишува дека за прв пат во Велес ќе се одржи нов театарски фестивал во чест на Петре Прличко.
-Велес живее! Заедно ќе го вратиме епитетот кој нашиот град го заслужува: Велес, лулка на македонската култура! Културата е онаа која сите не оплеменува. Многу често таа се заснова на традиции кои треба да ги негуваме, но и традиции кои ние треба да ги создадеме.
Токму затоа, чест ми е што во првата година од мојот мандат за прв пат ги поставуваме темелите на новиот театарски фестивал кој во чест на нашиот великан Петре Прличко ќе го носи името “5ре”. Почнувајќи од четврток, 19 Мај, па во наредните десетина дена фестивалот под покровителство на Општина Велес, а во организација на Плус Публика и нам добро познатите Ненад Витанов и Жарко Спасовски, ќе обедини театарски претстави од цела Македонија кои ќе измамат безброј воздишки и насмевки кои ќе траат долго потоа.
Во рамки на фестивалот ќе биде доделена и наградата за животно дело “Петре Прличко” на овогодинешниот добитник, единствениот и неповторлив Игор Џамбазов.
Повеќе информации околу фестивалот и програмата може да најдете на нивната веб страна www.5re.mk и фб страната 5РE, стои во неговиот пост на Фејсбук.