Очекувано е за време на празници да се зборуваат убави работи, да се слушаат фалби и пофалби. Сепак ние знаеме, граѓаните паметат, но за да ги освестиме локалните власти, ќе ги запрашаме. Кој ја изгради градската капела? Кој го доби и започна проектот за реконструкција на Домот на културата?, прашува Марјан Миленковски, од ВМРО-ДПМНЕ Општински Комитет Пробиштип.
Тој кажа дека во оваа прилика нема да зборува за анексот на договорот во вредност од 50.000 евра за измислени неизвршени работи.
-Кој ги направи сите подготовки за реконструкција на улицата во Старо Калниште? Кој го изготви проектот за ново осветлување на градскиот плоштад? Кој го изготви проектот и ја обезбеди донацијата од словенечката влада за реконструкција и автоматизација на постојните водоснабдителни системи?, праша Миленковски.
Тој запраша и која влада во 2017 година со ребаланс ги тргна парите наменети за завршниот слој на улицата Миро Барага, за сега да се фали со истиот.
-Кога конечно ќе биде тендерот за реконструкција на патот до Крупиште? Помина пролетта, помина месец јуни, јули, ајде сега ќе почекаме и до 5-ти септември. Дали оваа локална власт во периодот од речиси една година исполни барем едно ветување од многуте дадени пред изборите. Досега баш и ништо не видовме, ништо на терен, ама затоа ги гледаме на манифестации, партиски прослави и прошетки, изјави Миленковски.
Тој на власта и порача да престанат со бедните изговори за нивното неработење, да престанат да се китат со туѓи перја.
-Засукајте ги ракавите и работете како што сте им ветиле на граѓаните. Тие ве избраа и тие ќе ве казнат и тоа многу брзо, порача Миленковски.