Во однос на задржувањето на младите во Општина Охрид, Митре Милошевски во неговата програма најави три стратешки проекти. Првиот е изработка на студија за мапирање на стратешки индустриски сектори во регионот на Охрид. Проектот има за цел да ги анализира развојните потенцијали и можности во Охрид и да ги мапира стратешките индустриски сектори во Општината, кои имаат реална основа да се развиваат во иднина.
Оваа студија ќе ја вршат стручњаци од областа на економијата професори на економски и технолошки факултет и ред други кои точно ќе кажат и ќе ја лоцираат можноста за започнување на бизнис во Охрид. Вториот проект е формирање на локален економски совет.
-Третиот проект е формирање на силна стратегија за развој на туризмот, но не ваква како до сега напишана од страна на агро-инженери, туку од стручњаци од Факултетот за туризам и угостителство кои ги има многу, прекрасни стручњаци кои ќе ја направат таа стратегија. За сите тие стратегии имаме рок, цена на чинење и тие ќе траат со години и секој нареден градоначалник да се надоврзува на неа, а не да ја прекинува и кампањски да се однесува, изјави кандидатот за градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Митре Милошевски.