петок, 24. ноември 2023. Вести денес: 0
home Општини

Најдовски: Граѓаните на Демир Хисар заслужуваат поквалитетен живот, нови работни места и сигурен пласман на земјоделските производи

Криминалот, непотизмот и неработењето на власта во последниве години придонесоа да завладее апатија меѓу граѓаните, како и целосна недоверба во инстутуциите на системот, која се одрази со масовно иселување пред се на млади и образовани луѓе во земјите од Западна Европа. Сликата во иднина ќе биде поинаква, вели во интервју за Курир кандидатот за градоначалник на Општина Демир Хисар Никола Најдовски.
Најдовски:  Граѓаните на Демир Хисар заслужуваат поквалитетен живот, нови работни места и сигурен пласман на земјоделските производи

КУРИР: Што ве поттикна да се кандидирате за градоначалник на Демир Хисар?

Секојдневната комуникација со моите сограѓани, како и мојот професионален и политички ангажман изминатиов период придонесоа во детаљи да се запознам со проблемите и потребите на демирхисарци. Ги имало секогаш, но никогаш како во последниве 4 години откако сдсм ја презеде локалната власт. Никаква реализација на ветените проекти од 2017-та година, тотално фијаско на секое поле 4 години сомнителни и криминални тендери како во општината, така и во јавните претпријатија и невиден непотизам. Демирхисарци него заслужуваат тоа, напротив. Заслужуваат просперитетна општина која ќе нуди решенија на проблемите, ќе обезбеди поволна клима за нови инвестиции и нови работни места, целосно ќе ја обнови патната и комунална инфраструктура, ќе обезбеди подобри услови во образовниот систем, спортот, земјоделието и туризмот. Јас сметам дека како млад, образован, амбициозен и пред се чесен човек, имам должност, вложувајќи се со целиот свој капацитет, заедно со својот тим, да внесеме нова енергија и нова надеж за сите граѓани на Демир Хисар, на спроти сивилото и апатијата која го остави оваа власт во заминување.

КУРИР: Каква е сликата во општината сега?

Тоа што ништо не реализираа од нивната програма можеби и не е најстрашното за нашата општина. Впрочем демирхисарци според мене, уште на почетокот немаа некои големи очекувања од оваа власт. Но, како што споменав, криминалот, непотизмот и неработењето на власта во последниве години придонесоа да завладее апатија меѓу граѓаните, како и целосна недоверба во инстутуциите на системот, која се одрази со масовно исселување пред се на млади и образовани луѓе во земјите од Западна Европа. Но, тука се и разочараните земјоделци, накои земјоделските производи им беа откупувани по багателни цени со кои не можат да ги покријат ни основните трошоци за производство. Да не ги заборавиме и оние наши сограѓани на кои им беа ветувани нови инвестиции и работни места, а наместо тоа се затворија и постоечките. За да ја комплетираме сликата, мора да се спомене и целосно уништената патна инфраструктура, која не може да се спореди ни со земјите од Централна Африка.

КУРИР: Во која насока би ја менувале општината, кои проекти би ги спровеле?

Мораме да изградиме модерна и функционална општина по европски терк која исклучиво ќе работи во интерес на граѓанитена Демир Хисар. Општина која ќе биде отчетна и транспарентна и ќе ги сервисира сите нивни потреби. За таа цел, внимателно и професионално ја изработивме програмата за овие локални избори во која се нудат решенија запроблемите на граѓаните, како и бројни проекти за локален економски развој со што ќе се обезбеди одржлив развој на локалната заедница.

КУРИР: Од сите проекти, кој е приоритетен, со кој ќе стартувате?

Создавањето на позитивен деловен амбиент за сите потенцијални нови инвеститори како и за постоечките фирми кои во моментов делуваат на територија на општина Демир Хисар ќе биде еден од моите врвни приоритети. Исто така мора да го споменам и планот за иницирање на партнерства со меѓународни и домашни развојни агенции со што ќе се овозможи реализирањето на покрупните капитални проекти во Демир Хисар.

КУРИР: Од кои начела ќе се водите во текот на работата како градоначалник?

Како градоначалник на општина Демир Хисар, пред моите сограѓани, се обврзувам дека моите работни обврски ќе ги извршувам чесно, навремено и квалитетно.