вторник, 7. ноември 2023. Вести денес: 0
home Општини

Навреме отворени избирачките места во општините Центар Жупа, Маврово-Ростуше и Тетово

Навреме отворени избирачките места во општините Центар Жупа, Маврово-Ростуше и Тетово
МИА

Навреме се отворени гласачките места во Центар Жупа и Маврово-Ростуше каде се избира градоначалник, како и гласачките места во општина Тетово каде се бираат членови за Советот на општината.

Во општина Центар Жупа се спроведуваат по вторпат повторени избори за градоначалник.

– Во 7 часот отворени се сите 16 гласачки места. Во единствениот избирачки список запишани се 7.154 лица, а за да биде избран градоначалник, гласачкото право треба да го остварат 2.385 лица. Вчера гласаа 29 болни и немоќни лица, изјави за МИА, претседателот на Општинската изборна комисија Неџип Илјаз.

На гласачкото ливче овој пат е само еден кандидат, предложен од политичка партија. Во оваа печалбарска општина, каде над 60 отсто од популацијата живее во некоја западноевропска земја, се повторува гласањето за градоначалник бидејќи ниту на редовните локални избори на 17 октомври минатата година, ниту на повторените на 17 април годинава, не беше обезбеден потребниот цензус од една третина или 33,33 отсто од вкупното гласачко тело. Во октомври излезноста беше 25,77, додека во април 29,97 отсто.

Навреме започна и гласањето за градоначалник на територијата на општина Маврово-Ростуше. Граѓаните ќе гласаат во еден круг, со оглед дека има двајца кандидати.

– Сите избирачки места се отворени навреме и гласањето од утрово се одвива без забелешки. Материјалите, потребни за спроведување на изборниот процес се распределени навреме и не очекуваме некаков застој или прекин текот на денот, изјави за МИА претседателката на ОИК, Ивана Ѓорѓевска.

Гласањето во Маврово и Ростуше го спроведуваат 33 избирачки одбори. Право на глас во оваа општина имаат 9.948 граѓани. Изборите за градоначалник беа распишани откако во два наврати не беа исполнети условите. Вчера гласот го дадоа 40 болни и немоќни лица.

Се гласа и во општина Тетово за избор на членови во Советот на општината.

-Избирачките одбори не информираа дека во сите избирачки места е започнато гласањето и се одвива во најдобар ред. Нема поголеми проблеми, информира Назми Даути, секретар на ОИК Тетово.

Во избирачкиот список за Општина Тетово се евидентирани 84.071 гласач кои во текот на денот ќе може да го остварат правото на глас на едно од 117 избирачки места во градот Тетово и неколкуте рурални населени места. За 31 едно место во Советот на Општина Тетово доверба од гласачите бараат 403 кандидати од 13 кандидатски листи.

Денеска во периодот од 7 до 19 часот отворена ќе биде и подрачната канцеларија на Народниот правобранител во Тетово, а граѓаните ќе можат за заштита на своите права да се обратат лично во канцеларија или на телефонскиот број 044 344-082.