петок, 17. ноември 2023. Вести денес: 0
home Општини

Нов проект на СВР Тетово, „Превенција од насилство во спортот“

Нов проект на СВР Тетово, „Превенција од насилство во спортот“

Секторот за внатрешни работи Тетово денеска започна со практична имплементација на нов превентивно-едукативен проект „Превенција од насилство во спортот“, чиј носител е Отсекот за превенција.

Со проектот ќе бидат опфатени околу 3000 ученици од трета година, кои следат настава на македонски, албански и турски јазик во сите тетовски и гостиварски училишта. Стручно обучени полициски службеници на учениците-средношколци, на посебни часови, ќе ги информираат за законските импликации предвидени во Законот за спречување на насилство и недостојно однесување на спортски натпревари, а со кои можат да се соочат доколку иницираат или непосредно бидат инволвирани во инциденти на натпревари или манифестации од спортска природа и карактер.

На часовите, исто така, на учениците ќе им се укаже и на општествената и друга потреба за меѓусебно почитување и толеранција, без разлика на нивната етничка, верска и друга припадност, за воздржување од говор на омраза и за надминување на разните видови предрасуди и стереотипи. Проектот се планира да се реализира овој и идниот месец, со цел преку информирање и едукација навреме да се превенираат можни инциденти и други несакани настани на спортските натпревари.