За четири часа тетовската полиција казнила 55 возачи на возила поради зголемена брзина на движење во градот на потегот од влезот во Тетово до кружниот тек кај „Монопол“, при што кај тројца утврдиле дека возат со над 100 километри на час. Полицајците користеле ноќен радар во рамки на акцијата од 18 до 22 часот.
– Тетовската полициска станица за безбедност на патниот сообраќај во рамки на продолжените засилени контролни активности за брзина, кои од неодамна континуирано се спроведуваат и во ноќните часови, законски санккционираше вкупно 55 возила, односно возачи кои ја пречекориле максимално дозволената брзина во населено место. Три од возилата се движеле со брзина од над 100 километри на час, а преостанатите пречекориле за 30 до 50 километри на час, изјави портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски.
На сите прекршители изготвени им се поднесоци, додека на тројцата возачи, кои возеле над 100 километри на час времено ќе им бидат одземени и нивните возачки дозволи.