Во поширокиот дебарски регион се собираат донации за настраданите во катастрофалниот земјотрес во Република Турција, а првите луѓе на општините изразија длабоко сочувство и солидарност.
– Трагичната вест за земјотресот во пријателска Турција не погоди сите нас граѓаните на општина Маврово и Ростуше. Изразуваме длабоко сочувство за изгубените животи, и посакуваме брзо закрепнување на повредените, објави градоначалникот Медат Куртовски.
Советот на оваа општина утре ќе одржи вонредна седница на која ќе биде донесена одлука за доделување финансиска помош, а во неколку пункта од вчера веќе се собира хуманитарна помош.
Помош се собира и во општина Центар Жупа, каде е прогласена и седумдневна жалост, а Советот на општината утре ќе одлучува за висината на финансиската помош.
Двете општини имаат бројна дијаспора во Република Турција а во последниот период тие се збратимени со повеќе општини во оваа земја.
– Потресени сме од трагедијата што ја снајде пријателска Турција. Од мое и од име на жителите на нашата општина изразувам длабоко сочувство за изгубените животи и посакувам брзо закрепнување на повредените, рече за МИА, градоначалникот на Дебар, Хекуран Дука.
Тој упати апел до жителите на општината, кои и самите во 1967 година прежеааја катастрофален земјотрес, да ја потврдат нивната многупати до сега покажана хуманост.