Амбасадорот на Република Турција, Хасан Мехмет Секизќок, денес ја посети општина Битола, каде имаше средба со градоначалникот Тони Коњановски. На средбата се разговараше за повеќе важни теми и области, низ кои континуирано се продлабочува соработката на Битола со градови од Турција.
Посебен акцент на средбата беше ставен на економската соработка, која се потврдува и со сериозната заинтересираност на турска компанија за инвестиција во Битола, која се очекува наскоро да биде реализирана. Градоначалникот информираше за отвореноста на локалната самоуправа и поддршката која ја овозможува општината во рамките на својата надлежност и за развој на други бизнис идеи кои ќе придонесат за економско јакнење на Битола.
На средбата, се разговараше и за историската поврзаност на двете држави, како и посебното значење на Битола и нејзината привлечност за голем број турски туристи, кои се чести гости во градот. Во овој контекст, беа разгледани и новите можности кои треба да се создадат за понатамошен напредок на туризмот и збогатување на туристичката понуда.
Исто така, се разговараше и за соработката во областа на образованието и културата, а после средбата во кабинетот, градоначалникот Коњановски и амбасадорот Секизќок, прошетаа низ Старата битолска чаршија и посетија дел од значајните културно – историски обележја на Битола, меѓу кои и Хаџи Махмуд Беј џамијата, која што покрај своето верско значење, некогаш важела и за важен просветителски, образовен дом и институција.