Јас сум еден од вас, човек кој целиот свој живот го поминал во Крива Паланка. Како јас, така и вие, 4 години сме сведоци на хаос и апатија.4 години видовме како не може и како не треба. Денес барам шанса од Вас, да покажеме како може и како треба. Јас имам план и визија. Ветувам програма која ќе ја остварам, ветувам проекти кои ќе допринесат Крива Паланка да доживее експанзија на секое поле, рече кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на општина Крива Паланка.
-Ветувам нова иднина како за најмладите така и за повозрасните. Наш приоритет е гасификација на Крива Паланка со која ефтиниот и еколошки природен гас ќе биде достапен и за граѓаните и за компаниите. Да си дадеме шанса, Крива Паланка да прерасне во модерна општина, општина со средени улици и тротоари, модерни образовни институции и детски игралишта во секое населено место. Нашата програма нуди еднаква шанса за сите. Преку доделување на општински спортски ваучер, младите од социјално ранливи категории ќе можат да се зачленат во општинските спортски клубови. Започнатата спортска сала кај Мотел Македонија ќе ја пренамениме во затворен градски базен со цел подобрување на квалитетот на образованието преку развој на пливањето како спорт, истакна Рангелов.
Повеќе општински објекти, по европски стандарди ќе се пренаменат во дом за стари лица а за младите брачни парови ќе изградиме станбен објект. Ќе помогнеме за секое новородено дете во Крива Паланка ќе следува еднократна парична помош, потенцираше тој.
Ќе им дадеме просперитет и на земјоделците. Ќе го реконструираме градскиот пазар кој повеќе пати во неделата ќе биде достапен за граѓаните. Се кандидирав бидејќи сум убеден дека мојот глас ќе допре до Вас. Tука сум да ги слушнам вашите проблеми и сум подготвен да понудам решение за истите. Ве повикувам да го направиме она што ни треба. Ајде, заеднички да создадеме нова иднина за Крива Паланка, додаде Рангелов.