вторник, 7. ноември 2023. Вести денес: 0
home Општини

Ристоски: Непотизам на секоја страна- дали ова беше програмата на градоначалникот за враќање на младите во Прилеп?

Ристоски: Непотизам на секоја страна- дали ова беше програмата на градоначалникот за враќање на младите во Прилеп?

Од Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп обвинуваат дека изминуваат 6 месеци од кога СДСМ и Илија Јованоски се на чело на Локалната самоуправа во Прилеп. 6 месеци полни со лицемерие и неработење. 6 месеци во кои „животот дојде“ и во Прилеп, но само за блиските до градоначалникот Јованоски и тие во врвот на СДСМ. Непотизам на секој чекор. Непотизам на секоја страна.

-После 6 месеци, редно е градоначалникот Јованоски да и одговори на прилепската јавност: дали неговата внука Цвете Станојоска си ја вработи во Општина Прилеп? Дали другата внука си ја вработи во градинката „Наша иднина“? Се замеша ли Јованоски и во бизнис секторот, па својот зет за сестра го постави за Директор на Стопанска комора во Прилеп?, прашува Петар Ристоски, претседател на ОК Прилеп на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој вели дека сите советници од владејачката коалиција се вработуваат во јавните претпријатија во градот, кои нели според СДСМ кога беше опозиција беа пренатрупани.

-Дали сопругот на директорката на ОУ „Кире Гаврилоски“ беше најдобар кадар на огласот, па затоа него го вработивте во ЈП Водовод и канализација? Дали меѓу многуте блиски роднини на функционери на СДСМ во општина Прилеп е експресно вработен и синот на директорот на ОУ „Гоце Делчев“? Дали меѓу нив во економското училиште е вработен и синот на директорот на затворот во Прилеп?, прашува Ристоски.

Тој потенцираше дека ова се само дел од роднините на функционерите на СДСМ вработени во овие неколку месеци. На тие истите на кои устите им беа полни во минатото со зборовите чесност и транспарентност.

-Наши сограѓани, дел од раководството на СДСМ, дали на ваков начин планирате да ги задржите младите во Прилеп? Дали грижејќи се само за вас лично планирате да му ја кроите иднината на Прилеп? Дали ова беше Вашата програма г-дине Јованоски за враќање на младите во Прилеп?, праша Ристоски.

Тој вели дека прилепчани не очекуваа и не заслужуваат ваков однос од новата власт.

-Прилеп и прилепчани се срамат од негрижата за градот на градоначалникот и луѓето блиски до него. Прилеп и прилепчани заслужуваат многу подобро!, заврши Ристоски.