Зголемениот обем на работа на штипскиот комунален инспектор го измени Годишниот план за вработување во Општина Штип. На последната седница советниците со мнозинство гласови одобрија вработување помошник комунален инспектор.
-Баравме од Советот измена на Годишниот план за вработување на Општина Штип со цел веќепостоечкиот годишен план да биде дополнет со едно работно место и тоа во делот 3 – планирање нови вработувања во следната година, помошник-комунален инспектор поради зголемен обем на работа во општината, вели Вишна Шорова-Ангелова, Секретар на Општина Штип.
Проблемот со недостаток на кадар, пак, беше споменат и на последното Годишно собрание на Здружението на комунални инспектори. Претседателот на Здружението, Борче Везенков посочи дека оние кои имаат лиценца како инспектори покриваат и во други општини и во повеќе сектори.
-Има недостаток не само на комунални инспектори, туку и недостаток на каков било вид инспектори. Со Законот за инспекциски надзор мора да имаат и лиценца за да бидат инспектори. Моментално и ние како инспектори покриваме во некои општини каде што нема комунални инспектори или инспектори од заштита на животната средина, инспектори за домување, градежни инспектори, рече Везенков.
Комуналните инспектори ги спроведуваат законите за јавна чистота и комунални дејности. (МИА)