четврток, 23. ноември 2023. Вести денес: 0
home Општини

Штип ќе има парк за миленици

Штип ќе има парк за миленици

Почна изградбата на парк за миленици. Паркот и содржините за сопствениците и миленичињата се гради како заеднички проект меѓу повеќе засегнати страни, а ќе биде на пешачко-велосипедската патека кај реката Брегалница во близина на реквизитите за спортување, најави на денешната прес-конференција градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов.

– Овде од денеска започнуваме со проектот – парк за кучиња, што беше најавен и во нашата изборна програма и во изминатите неколку недели, дека ќе започнеме со изработка на ваков проект. Една нова содржина на пешачко-велосипедската патека покрај реквизитите за спортување. Ова е една нова содржина долж патеката. Станува збор за заеднички проект на Општина Штип со ЛАГ Плачковица, со бизнис-секторот и со здруженијата за заштита на животните, вели Јорданов.

Тој истакна дека проектот е на барање на сопствениците на миленичиња и здруженијата за заштита на животните, а ќе биде во функција кон крајот на септември.

– Се надевам дека сопствениците на кучиња ќе го користат, затоа што ќе има содржини, реквизити коишто се наменети за кучиња, така што ова е еден новитет. Се надевам дека кога ќе биде поставено, изградено, ќе наиде на корист од страна на сопствениците на домашни миленичиња, коишто ги шетаат на овој дел од градот и досега имаа барање од нас како Локална самоуправа да направиме една ваква содржина во нашиот град, изјави Јорданов.

Финансиските средства кои ќе се искористат за овој проект, а се обезбедени со меѓусебна соработка на засегнатите страни се во висина од 500.000 денари.