Крајно неодговорно и надвор од сите норми беше денешната посета на кандидатот за градоначалник на Општина Велес Ненад Коциќ. За оваа постапка мора да се понесе одговорност! Имено во текот на денешниот ден, кандидатот за градоначалник Коциќ направи посета на лекарите и медицинските лица во одделот за инфективни болести додека тие се на своите работни места, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ ОК Велес во однос на посетата на кандидатот за градоначалник на Општина Велес од редовите на СДСМ Ненад Коциќ на одделот за инфективни болести при Општа болница Велес.
Од општинскиот комитет прашуваат со која цел и кој му дозволил денес на Коциќ да ја изврши оваа посета?
– Очигледно, по фотографиите кои ги објави тој самиот се забележува дека лекарите и медицинските лица, додека се на своите работни места се појавуваат на средба со кандидатот на СДСМ. Ова е злоупотреба на медицинските лица! Ова е крајно неодговорно и недозволиво во ек на изборната кампања! Додека граѓани се борат за здив во болничките соби, додека граѓани чекаат ред за да бидат прегледани (кое може да се види и на сликите) Коциќ позира и се слика! И без нималку осет за граѓаните кои се во тешка состојба и очекуваат да им се даде помош во скеој момент, тој се обидува да зграби политички поени. Каква неодговорност! Каква неразумна постапка! Зар Г-динот Коциќ нема ниту трошка жал за тие луѓе, прашуваат ВМРО-ДПМНЕ ОК Велес.
ВМРО-ДПМНЕ го осудува ваквиот начин на злоупотреба на институциите за партиски цели!
– Очајни и свесни за нискиот рејтинг кој го има Коциќ, СДСМ се обидуваат со притисоци да извадат глава од калта во која се наоѓаат.
За оваа крајно неодговорна постапка на Ненад Коциќ, бараме сите институции да реагираат, да покренат истрага и да ја осудат постапката.
Воедно, се прашуваме како директорот на Велешката болница го има ова дозволено? Затоа бараме тој да реагира и понесе одговорност!
Ние како ВМРО-ДПМНЕ за оваа ситуација ќе ги информираме сите надлежни институции како OSCE, ODIHR, Антикорупциска и сл, додаваат.