Изминатиов период сме сведоци на нешто што до сега се нема случено во општина Кичево. Под превезот на енергетската криза, општина Кичево на чело со градоначалникот Фатмир Дехари, Кичево го направија град на темнината. Во 21 век, навистина е срамота и за голема осуда нашиот град да личи на Дивиот Запад, каде не се знае кој јаде, а кој плаќа. Но, за жал кај нас изгледа дека навистина е така, велат од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата на Општина Кичево.
-До нас, како советничка група на ВМРО-ДПМНЕ и кооалицијата секојдневно пристигнуваат поплаки , апели и огорченост за состојбата со која се соочуваат граѓаните во нашиот град. Иако граѓаните во сметките на веќе поскапената електрична енергија редовно и уредно плаќаат и по 184 денари за улично осветлување, оваа услуга тие не ја добиваат. Како да не е доста тоа што повеќе од 6 месеци имаме раскопани улици,а на секој чекор има улични кучиња и не знаеме кој од нас ќе биде следна нивна цел за напад, сега уште ова ни недостасуваше – темни улици, како во најстаршните хорор филмови.
Почитуван градоначалник на општина Кичево, престанете да лажете и да манипулирате со граѓаните на нашата општина, бидејќи тие а и сите ние многу добро знаеме дека исклучувањето на уличното осветлување не е заради енергетската криза, туку заради вашето недомаќинско и криминално владеење и заради кое во наредниот период постои реална опасност да биде исклучено уличното осветлување на целата територија на општинат. Ако навистина беше така, тогаш таквата одлука секако дека ќе мораше да помине на Советот на општина Кичево, а ние како советници ќе имавме увид во сите детали за таквата одлука. Но, таква одлука не постои. Постои само вашата желба за криминал и осиромашување на граѓаните.
Парите за улично осветлување кои граѓаните ги плаќаат преку сметките за електрична енергија, ЕВН Македонија редовно ги уплаќа на општина Кичево, но според нашите сознанија, вие тие пари со кои располагате не сте ги намениле за тоа што треба. Имаме информации дека општина Кичево има неплатена сметка за електрична енергија кон добавувачот во износ од 9 милиони денари, или над 146 илјади евра, како и претходна сметка во износ од околу 57 илјади евра, при што иако ви било понудено долгот да го платите на неколку рати, вие тоа сте го одбиле. Ова се пари на граѓаните, а вие со вашето однесување повторно се покажа и докажа дека не работите во нивен, туку во ваш интерес.
Почитуван градоначалник, ова што се случува во Кичево навистина го нема никаде на друго место. Затоа, ве повикуваме веднаш, уште денес да излезете пред граѓаните на општина Кичево и да им кажете зошто и покрај нивната уплата на паричните средства за улично осветлување, изминатиов период низ кичевските улици се принудени да се движат низ црни темници и зошто дозволивте со вашето „домаќинско“ работење да должите енормни суми за електрична енергија кон добавувачот, што остава сомнеж дека токму тоа е причината што нашите улици немаат електрично осветлување.
Во ова време-невреме на здравствена, економска и енергетска криза предизвикана од вашата власт со коалиционите партнери, ве повикуваме овој проблем да го решите и граѓаните да ја добијат услугата која ја заслужуваат и за која плаќаат, а исто така ги повикуваме и надлежните институции да проверат што точно се случува и оној што е одговорен за оваа состојба да понесе соодветна одговорност.
На крај ние како советничка група им ветуваме на сите граѓани на општина Кичево дека ова е само почеток и дека во наредниот период редовно и транспарентно ќе ја запознаваме јавноста за недомаќинското работење на општината и за сите злоупотреби што се направени, подвлекуваат од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата на Општина Кичево.