Секторот за внатрешни работи Тетово-Отсек за превенција започна со реализација на планираните активности во рамките на кампањата „Не користи петарди и пиротехнички средства“, која неодамна беше официјално проморивирана од Министерството за внатрешни работи.
-На повеќе јавни места во Полог, во локални самоуправи, училишта, објекти во кои почесто престојуваат млади и други објекти, веќе се распределени, односно истакнати 210 постери (плакати), а дистрибуирани се и 1500 флаери на македонски и на албански јазик со превентивни пораки и други наменски таргетирани содржини, информира портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски.
Покрај ова, од денеска (16 декември) стартуваа и состаноците на граѓанските советодавни групи, на кои се укажува на законските и други импликации доколку се набавуваат, продаваат и активираат петарди и друга пиротехника.За истото од полициски службеници непосредно се запознаваат и сопствениците на продавници и тезги на кои се нудат новогодишни украси и други реквизити, а засилени се и контролите на возилата на овој план.
Овие активности ќе продолжат и во наредните денови, со цел да се превенира неовластениот промет и употреба на пиротехнички средства.СВР Тетово ќе ги санкционира сите кои нема да се придржуваат на законските прописи и мерки со изготвување на кривични или прекршочни поднесоци, зависно од тоа за каков случај станува збор.