На само 2-3 километри од патот кога поаѓате од Делчево кон Македонска Каменица, ако го свртите погледот кон десно, ќе видите исправен Божји храм, за кој сигурно ќе се запрашате како може да стои исправен над самиот раб над патот. Сепак, доколку решите да го посетите, ќе забележите дека не само што манастирот не е на работ на патот, туку како приоѓате до него просторот сè повеќе се раширува. На денот кога се слави празникот меѓу народот познат како летен Иванден и е посветен на раѓањето на св. Јован Крстител, на ова место го затекнавме делчевецот Ванчо Симовски на чија иницијатива пред неколку години започнал да се гради манастирот. Самиот реши да ни раскаже нешто повеќе и за него, но и за целото опкружување од каде градот Делчево се гледа како на дланка.
– Значи овој денешен ден е посветен на раѓањето на св. Јован Крстител и за тоа поради коронавирусот ги одложивме сите ангажмани со присуство на поголем број гости. Ручекот го правиме само во кругот на семејството. Она што е интересно за ова место е најпрвин овој камен што тука го гледате. Овој камен го најдовме тука покрај местото и по преданијата потекнува од 13 век. Самите христијани се имаат миросано, можеби и крштевано тука дечиња. Самата вода е многу лековита, по книгите и документи самото место се вика Света Вода. Манастирот почнав да го градам пред 5-6 години, ако е здравје в година околу 90-95 проценти да биде готов, вели Симовски.
Манастирот започнал да го гради откако сонил сон. Знаел точно каде треба да го гради, бидејќи и пред многу години, како што му се прикажало во сонот, на тоа место постоел голем локалитет со изграден манастир.
– Тука, во близина на самото место, по преданијата имало многу голем локалитет и манастир од дамнина. По соништа ми се сони уште пред 20 години да направам манастир. Секоја година по традиција си доаѓаат роднини, пријатели, имаме направено клупи како за гости, в година здравје Боже, кој сака нека повели ќе има ручек за здравје и сè ќе биде во ред. Но не само за празникот, овде имаме убава чешма изградено, вода има секогаш, кој сака нека повели за убаво, за здравје, нека чини адет кога сака, ги покани верниците Симовски.
Освен приказната за манастирот и стариот локалитет, местото во близина крие и останати тајни, кои, како што додава делчевецот, малку им се познати на луѓето. Над манастирот постои масив од карпи што, според Симовски, се користеле за изработка на воденичарски камења.
– Според она што го знам за време на Римското Царство овде имало рудник за камења, камењата се за рачни воденици, а одовде се пласирани низ целиот крај. Има и големи камења за воденици на вода, значи самиот камен е извртен и еве како изгледа и вториот дел. Над целиот масив има огромна дупка, таму си стојат извртени како воденица на карпите. Интересно е и тоа што има и топен камен и печени карпи, зошто е тоа така никој не знае, најверојатно е историја што треба да се открие, додава Симовски.
Околината на месноста Света Вода, како што додаде Ванчо, е доста плодна. Во близина се наоѓа и неговиот имот, на кој, како што вели, нема овоштарска култура што не ја засадил.
– Голем љубител сум на јагоди, веќе 20 години ги одгледувам. Најубавите сорти ги има кај мене. Еколошки чисто нема ништо прскано, а за да пораснат вакви какви што ги гледате на фотографијата им треба сонце и вода. Од овошки можам да кажам дека сè што постои од овошје имам посадено. Имам од крушите што ги викаат „бегрем“ и за кои велат не раѓаат, но еве кај мене се доказ дека кога се одгледуваат со љубов, ќе имаат род. Имам и „џанки“ наречени присатки, јаболки петровки, рибизли, одгледувам грозје и сливи, така што „нема што нема“ овде. Сè е еколошки чисто, без никакви ѓубрива. За јагодите наоѓам пласман преку интернет, луѓето знаат дека се органски произведени и ги купуваат, додава Симовски.
За месноста Света Вода над селото Очипала, како што додаде Симовски, има уште многу што да се зборува. Од неговиот имот си заминавме со желба в година празникот да помине во најдобар ред и да го слават во поголем број според христијанските обичаи. Тој остана со семејството да го благословат ручекот и да го одбележат раѓањето на св. Јован Крстител и ги покани сите гости намерници да го посетат ова место, да наполнат вода од блиската чешма и доколку се во можност да донираат за храмот, кој останува исправен гордо да стои и да ги примамува патниците кон ова место што допрва треба да се истражи.