Традиционално, октомври е месец на берба на јаболката. А, Преспа е баш позната по тоа – Преспанското јаболко, бренд кој што заслужува да си го добие заслуженото место, а земјоделците од Преспа да бидат ценети за она за кое секојдневно, во текот на целата година се вложуваат и напорно работат, изјави денеска за медиумите, Јован Тозиевски, кандидат за градоначалник на општина Ресен.
Тој истакна дека јаболкото во Македонија зазема 60% од целокупното производство на овошје, а Преспа учествува со околу 90% од тоа производство, но за жал тоа е „потценето“, „најпониженото“ овошје во државата.
– Во моментов, јаболкото е најзапоставеното овошје, од страна на власта. Последните години, земјоделците од Преспа се повеќе се разочарани од пласманот, ниската откупна цена на конзумното и индустриското јаболко. Но, преспани се вреден народ, не се откажуваат. И денес, со сите свои сили се насочени кон берба на родот. Денес е меѓународниот ден на јаболкото. Во следните години, да направиме да се слави, за успешно завршена берба, за успешен пласман, посочи Тозиевски.
Тој рече дека се поинакви, зошто знаат да ценат колку многу труд се вложува за да се стигне до конечниот производ и да се обезбеди добар пласман.
– Ветувам дека ќе го подржуваме секој кој сака да инвестира во откуп на јаболкото. Во следните четири години, јас и мојот тим ќе се вложиме целосно, за јаболкото да биде на пиедесталот – онаму каде што и заслужува да биде, додаде Тозиевски.