четврток, 16. ноември 2023. Вести денес: 0
home Општини

Ударните дупки низ штипските улици ќе се санираат со нова италијанска технологија

Ударните дупки низ штипските улици ќе се санираат со нова италијанска технологија

Нова италијанска технологија ќе се применува за санација на ударните дупки низ штипските улици. Зоран Крушиќ, претставник од Белград на италијанската фирма „Интеркимика“ вели дека станува збор за техника која подразбира употреба на изгребен асфалт, што значи рециклирање на материјали. Технологијата денеска првпат се користеше во државава, а досега има неколку примери во Србија и други европски земји.

-Се работи за употреба на 100% изгребен асфалт на ладно, со додаток на само еден адитив т.н. рејвинатор кој го оживува битуменот од стариот асфалт и овозможува повторно на ладно да се вгради оваа технологија. Може да се користи за активности на санација, поправање на ударни дупки, може да се користи за изградба на пешачки патеки, велосипедски патеки. Ова е технологија која лесно може да се бои со додаток на соодветен пигмент, така што може да добиеме и еколошки асфалт кој се изработува од 100% изгремен асфалт на ладно во боја, вели Крушиќ.

Професорот од Градежен факултет-Скопје, Горан Мијоски додаде дека користењето на ваквата технологија е во чекор со европските трендови на зачувување на природата, а е доста едноставно, брзо и лесно. По подготовката, материјалот се поставува исто како и типичен асфалт. Во случај на санација на ударни дупки, прво треба истите соодветно да се подготват и да се исчистат, па масата да се нанесе мануелно, а потоа и да се израмни механички.

– Тенденциите на Европа во моментов се тоа, рециклирање на материјалите, намалувањето на емисијата на штетни гасови во природата со вакви ладни постапки, така што и ние одлучивме да направиме чекор со светот и првпат да ја примениме оваа технологија, рече Мијоски. (МИА)