среда, 29. ноември 2023. Вести денес: 0
home Општини

Узунов: Нова индустриска зона и нови инфраструктурни проекти

Узунов: Нова индустриска зона и нови инфраструктурни проекти

Во програмата за следните четири години предвидени се многу нови проекти. Она по што се одликува нашата програма е остварливоста и како извадок од листата, би навел дека во првите 100 дена ќе започнеме со реализација за уредување на Изворски дол од градскиот пазар до месноста Извор со регулирање на суводолицата како кеј со придружни, урбани, партерни и хортикултурни содржини. Реконструкција на фудбалското игралиште во Брајковци во мултифункционален спортско-рекреативен објект и уредување на пешачката во населеното место Марвинци, изјави денеска за медиумите, Тони Узунов, кандидат за градоначалник на Општина Валандово на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој истакна дека продолжува со индустриска зона во месноста Сува Река, зона за мало стопанство – проект Полски пат, проекти за поддршка на земјоделието, изградба на административно стамбено-деловен комплекс во зградата позната како Ново Собрание, систем за греење и ладење во спортската сала во Валандово, пречистителни станици.

– За Пирава, капела со придружна просторија, спортска сала во склоп на училиштето, реновирање на младинскиот дом. За Јосифово, нов извор за водоснабдување, доизградување и модернизација на водоводниот систем, атмосферска канализација. За Удово, изградба на трибина и реконструкција на соблекувалните на фудбалскиот терен, повеќенаменско детство игралиште и решавање на проблемот со атмосферските води. Во Собри, детско игралиште, асфалтирање на улици, довршување на домот и каналот пред него. За Бојмиските села, реконструкција на фудбалско игралиште и подобрување на водоснабдување во сите села. Канализациски системи во Раброво, Грчиште, Горна Маала, повеќенаменско детско игралиште во Чалакли, уредување на просторот до џамијата во Башибос, асфалтирање на улици во Дердели и Казандол, посочи Узунов.

Кандидатот откри дека се предвидени проекти од секторите култура, спорт, образование, животна средина, социјална заштита, туризам итн.

– Ова се само дел од проектите од програмата, надвор од неа имам визија и решение како Валандово да стане енергетски независна општина без надомест за улично осветлување и многу други работи. Во раководењето на општината ќе бидам искрен, темелен и ефикасен, ќе се заложам максимално во изнаоѓање на решенија и нивна реализација, со цел општина Валандово да добие поквалитетен живот, заврши тој.