Во организација на Општина Македонски Брод на 28 и 29 Мај 2022г во Самоков ќе се одржи првиот адреналински фестивал на отворено SAMOKOV XTREME.
Главната цел на овој фестивал е развојот на туризмот во Поречкиот регион и ставање на с.Самоков на мапата на атрактивни дестинации за авантуристички туризам.
Базата на фестивалот, на кој очекуваме да учествуваат повеќе од 300 вљубеници во природата и авантуристи ќе биде на фудбалскиот стадион, каде ќе има организирано кампување на учесниците, придружено со културно забавни активности.
Учесниците со своите спортски вештини ќе можат да се презентират во следниве дисциплини и истите ќе имаат ревијален карактер :
– возење со теренски возила ( џипови)
– возење со мотокрос
– возење со АТВ возила
– возење со МТБ велосипеди
– планинарeње
Сабота 28.05. 2022г
09.00ч – 12.00ч пристигнување на учесниците и формирање на кампот каде ќе престојуваат
12.00 ч – 14.00 ч регистрација на учесниците и подигнување на стартните пакети
14.00 ч ревијално (заедничко) возење на учесниците со теренски возила, мотокрос и АТВ возила на релација: Самоков – Добра вода – с.Бенче – Самоков
20.30ч – 22.30ч заедничко гледање на финалето во Лигата на шампиони Реал Мадрид – Ливерпул
22.45ч Концерт на Даниел Крстески и бенд и заедничка забава
Недела 29.05.2022г
09.45ч поздравен говор на Градоначалникот на Македонски брод Г дин Жарко Ристески
10.00ч заеднички старт на учесниците во сите дисциплини
1.Возачите на теренски возила, АТВ возила и мотокрос ќе возат на релација : Самоков – с.Рамне – с.Брест – Фојник планина – с.Требовље – Самоков.
2. Планинарска тура
Се стремиме кон Порече заради не толку често посетените убавини кои пленат со зеленило и недопрена природна убавина. Добра Вода е не толку посетена планина и баш поради тоа плени со својата недопрена убавина. Таа е висока венечна планина во Македонија што се издига помеѓу долината на Мала Река од исток и Кичевската Котлина од запад. Се дели на два дела: северен (познат и под името Челоица) со највисок врв Добра Вода (2.062 м) и јужен (познат како Песјак) со врвовите Кула (1.917 м) и Коњарник (1.874 м).
За вас подготвивме тура со локалците од Самоков за подобро запознавање на магијата на Порече. Самоков е срцето на Порече, ако не верувате дојдете и ќе видите сами, информираат од општината.
ОПИС НА ТУРАТА:
– Старт од село Самоков во 10:00ч. Селото Самоков се наоѓа во областа Порече, во западниот висок планински дел на територијата на Општина Македонски Брод, на просторот на левата страна на реката Треска. Селото е ридско, на надморска височина од 600 метри.
– пешачење по асфатиран пат од 1.5 км до село Ковач. Селото Ковач исто така се наоѓа во областа Порече, во западниот висок планински дел на територијата на Општина Македонски Брод, над селото Самоков. Селото е ридско, на надморска височина од 720 метри, не е заведено во катастарската евиденција и го дели атарот со соседното село Самоков.
– по изминување на асфалтот движењето е низ шумска патека кадешто во најголем дел сме под сенка, континуирано сме опколени со високостеблеста шума и сите нијанси на зелено. Попатно правиме кратки паузи.
– пристигнување во село Бенче кадешто правиме подолга пауза за ручек и се разладуваме со пиво во локалната коперација. Селото Бенче е половина од патеката, од стартот до село Бенче има 7,5 км.
– од село Бенче продолжуваме да се движиме по планинска/козја патека до село Самоков во должина од околу 7 км од кои околу 1 км пред финиш одиме по асфалтен пат.
– Ова е средно тешка тура со околу 15км вкупна должина (12 км – шумска патека, околу 3 км асфалтен пат). Патеката е кружна, но стартот и финишот е на местото кадешто е поставен кампот.
– Најдоцна предвидено пристигнување во кампот е 16 часот.
ПОТРЕБНА ОПРЕМА И УСЛОВИ:
– психофизичка подготвеност за пешачење
– удобни чевли/ чизми (не е препорачано да се носат патики)
– Пантолони со долги ногавици
– Планинарски стапчиња
– Капа и средства за УВ заштита.
– Кабаница
ИСХРАНА:
– секој сам си носи исхрана од ранец;
– вода 2 литри. Вода има во селото Бенче;
– суво овошје, сендвичи и сл.
НАПОМЕНА:
– За да не дојде до оптоварување на турата, задолжително е пријавување
– Секој учесник е должен да ги почитува правилата и насоките на организаторот и водичите, во спротивно сам е одговорен за несаканите последици;
– Организаторот и водичите имаат право да исклучат член пред стартот на планинарската акција доколку не ги исполнува наведените услови и не ја поседува соодветната планинарска опрема за предвидената планинарска акција.
– Организаторот и водичите го задржуваат правото на измени на термините и редоследот на акцијата во зависност од временските услови и останатите технички препреки.
ВОДИЧИ НА АКЦИЈАТА:
1. Маријана Ѓорѓиевска
2. Марјан Ристески
3.Велосипедската тура е насловенаТајните на Средновековна Македонија
Во легендата за Крали Марко, се вели дека тој имал повеќе сестри: Дева, Пешта, Кита, Sвезда и Тома. Најстарата, Дева, живеела во село Девич, Порече. По нејзиното име и селото го носело името Девич. Над селото има и едно црквиче и кула оградени со голема авлија, сета од камен. Дева живеела таму во кулата и држела војска. Војската се бранела со камења. Дева изградила и една зандана полна со вода. Од занданата до кулата имало една воденичка бука низ која заробените ги пуштала во занданата. Затворениците биле во вода дење и ноќе се дури не умреле. И денес кај занданата стои караулата каде стоела стражата. Во кулата имало и фурна каде Дева печела леб. Пеша, пак другата сестра на јунакот, живеела во големата пештера на другиот рид, преку патот, којашто се гледа од кулите, додека Тома живеела во Томино село.
Токму овие легенди се мотивацијата за креирањето велосипедската тура која ќе се вози на следнава релација:
• 10.00ч тргнуваме од кампот во Самоков каде што по неколку километри вртиме за селото Горно Зркле, во кое што правиме мала пауза и освежување на селската чешма и се чека групата.
• 10.45ч продолжуваме до селото Сушица, кое е на неколку километри од с. Зркле, со мала пауза за групирање и освежување на учесниците.
• 11.30ч посета на Томино село и селската црква каде што според легендата живеела една од сестрите на Крали Марко
• 12.30ч Продложуваме по патот за Горни и Долни Манастирец, собирање на групата пред ресторанот, пред да излезиме на маркиран земјен пат покрај реката. Дополнување на вода кај чешмата на ресторан Извор.
• 12.45ч Пристигнување на групата во с. Девич,со мала пауза и прошетка до Девина Кула и средновековната црква. Легендата вели дека девичките мажи, биле македонските Аполони и најличните мажи во средновековна Македонија.Од кулата може да се види окното на пештерата Пешна, каде што живеела сестрата Пеша.
• 13.30ч заминување за Пешна, со разгледување на пештерата.
• 14.30ч враќање по патеката до село Слатина каде што ќе ги посетиме Слатинските водопади
• 15.30ч тргнуваме на групата кон село Лаг по маркирана патека покрај реката и продолжуваме кон Самоков.
• 16.30ч пристигнување на групата во кампот
Учесниците на велосипедската тура мора да имаат исправен велосипед, да носат заштитна кацига, очила за сонце и да ги почитуваат препораките на водичите.Со себе во ранецот да си понесат храна и освежување и средство за заштита од сонце.
Водичи на турата :
1.Кире Конески
2.Здравко Ристески
ВАЖНО!!!
Учесниците на настанот кои ќе не посетат треба најпрво да се регистрираат на пунктот за пријавување, да си подигнат стартен пакет и да потпишат Изјава за учество на сопствена одговорност. Стартниот пакет чини 500 денари содржи: место во кампот, сувенир маичка, присуство на концертот и вечерната забава, учество во адреналинскиот конвој и производи од спонзорите на фестивалот.
Оние учесници кои нема да бидат дел од кампот во Самоков во саботата, односно ќе пристигнат утрото во неделата: треба да се регистрираат, да потпишат Изјава за учество на сопствена одговорност и да уплатат 200 денари за учество кај организаторот.
ПС.во недела наутро има организиран превоз од Прилеп до Самоков и назад со патничко комбе. Превозот чини 300 денари.