Во основните училишта во Општина Велес во новата учебна 2020/21 година учат 4500 основци и 2144 средношколци или вкупно 6644 ученици. Како што информира градоначалникот Аце Коцевски од нив дури 535 основци и 157 средношколци се без онлајн уред за следење на наставата.
Воедно информира дека во основните училишта во Општина Велес има 332 наставници во основно и 198 во средното образование.Од нив 103 наставници во основно и 62 во средно, немаат уреди за држење на онлајн настава ни во училиште, ниту пак дома.
Тој потсети дека сите наставници редовно доаѓаат во училиштата со исклучок оние кои се заразени или се сомнителни на корона вирусот.
Бројот на уреди кои недостасува во училиштата да се реализира наставата во основните училишта е 208, а во средните училишта 92.
-Се договоривме да направиме заедничка јавна набавка за да предизвикаме поголем интерес кај добавувачите и да постигнеме поповолна цена за сите вакви уреди за сите основни и средни училишта и таа е во тек, појасни Коцевски
На новинарско прашање дали е и за наставниците и за учениците, информира дека засега јавната набавка за вакви уреди е само за наставниците, но не и за учениците.
Воедно информира дека во моментот на пазарот во земјава има недостиг на компјутери заради зголемената побарувачка.
-Некои од продавачите ги повлекоа тие што ги имаа за да можат да ја зголемат цената и затоа цените се прилично поголеми, информира Коцевски.