сабота, 18. ноември 2023. Вести денес: 0
home Општини

Во Штип „Текстилијадата“ почнува од утре со низа дебати и уметнички настани за работниците

Во Штип „Текстилијадата“ почнува од утре со низа дебати и уметнички настани за работниците

Деведест проценти од судски процеси кои ги водииме за текстилните, но и за останатите работници ги имаме добиено, а за првпат на Балканот, па и пошироко ја добивме битката за 30 текстилни работнички, кои паричен надомест добија од странските брендови, бидејќи беа избркани од работа, истакна на денешната прес-конференција, Кристина Ампева од Здружението „Гласен Текстилец“, која ја најави седмата по ред „Текстилијада“.

Гости од Швајцарија, Германија и Шведска ќе бидат дел „Текстилијада“ во Штип, што ќе  започне утре со откривање на уметничка инсталација, а во текот на истата до сабота ќе бидат одржани низа дебати, дијалози, ќе се доделат наградите од литературниот конкурс на кој учествувале четириесетина основци и средношколци. Нема да изостане и работничкиот пикник, со акцент на синдикалното организирање, на кој ќе се подели и весникот „Текстилец“.

-Утре започнуваме токму со пречекување на нашите гости од еден текстилен град наречен Борос, што е пандан на Штип. Можам да кажам дека утрешниот ден ќе им биде посветен ним. Ја отвораме „Текстилијадата“ в петок, во центарот на Штип, со уметничкото дело на тема „Корени на традицијата“, направено од склупторот Андреј Миневски. Продолжуваме со интернационалниот форум, што, меѓу другите, ќе го отвори и Амбасадорката на Шведска во Македонија. Предвидено е присуство на повеќе фактори од земјава и странство, вели Ампева.

Благојче Дишоски од „Гласен Текстилец“ вели дека „Текстилијадата“ ќе вклучува и повеќе уметнички настани, меѓу кои ќе биде и откривањето на муралот кој ја отсликува текстилната работничка во минатото и иднината. Целта на ваквите настани е да се унапреди улогата на работниците и работничките во текстилната индустрија, но и да се подобрат условите преку споделување мислења и идеи на институции, работници и работодавачи, како и останати засегнати страни во овој сектор, а сето тоа преку добри примери од странство.

-Работничка ќе ни ја раскаже нејзината приказна, која, за среќа, заврши позитивно, но е една на 100 или 1000, така што и таа ќе биде говорничка. Ќе ја раскаже својата позитивна приказна и да ги охрабри останатите да се борат, бидејќи родово-базираната дискриминација, најчесто, не ја препознаваат работничките, иако е толку многу присутна на пазарот на трудот, рече Дишоски.

Ампева додава дека „Текстилијадата“ ќе биде добар настан со цел да се презентира она што е направено во периодот помеѓу две Текстилијади, но и да се мапира она на што понатаму треба да се работи. Седмата „Текстилијада“ во Штип ќе се одржи од 5 до 7 октомври.  (МИА)