Полицијата во текот на март открила и санкционирала 1.682 сообраќајни прекршоци во тетовскиот регион што според евиденцијата и статистиката на Секторот за внатрешни работи во Тетово претставува за 711 повеќе од март 2020 година. Прекршоците биле евидентирани во редовни и акциски контролни активности.
-Поради констатирани прекршоци биле исклучени 50 возила. Најмногу од исклучените возила (31) биле технички неисправни, односно им била констатирана неисправност, најмногу на сопирачките, додека 19 имале истечена регистрација. Минатиот месец, исто така, од сообраќај биле исклучени и 144 возачи, од кои 89 управувале без возачка дозвола, 17 под дејство на алкохол, 27 возачи-почетници, тројца со несоодветна категорија и 8 со важечка забрана за управување, вели Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.
Во текот на март, исто така, поради истечена регистрација повеќе од шест месеци биле времено одземени 12 возила, а времено одземени се и 29 возачки и 38 сообраќајни дозволи. Во овој период, поради погрешно паркирање од „пајак-службата “ во Тетово биле подигнати 115 возила.