Министерството за внатрешни работи покрај на територијата на главниот град Скопје, спроведува засилени акциски контроли за санкционирање на непочитувањето на сообраќајните правила и прописи и во другите градови, меѓу кои и Охрид, соопшти портпаролот на МВР Тони Ангеловски на денешната прес конференција во Охрид.
-Се санкционираат сите сообраќајни прекршоци, а особено оние кои што се најчеста причина за сообраќајни незгоди со тешки последици, како што се управувањето на возило под дејство на алкохол, возење со брзина над дозволената, а се санкционираат и возачите на мотори кои не ги почитуваат правилата, рече Ангеловски.
Портпаролот на МВР апелираше до граѓаните на Охрид да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за да се зголеми безбедноста во сообраќајот.
-Само за еден час во денешната акциска контрола во Охрид се изречени 60 санкции, пред се за пречекорена брзина, за нерегистрирани возила, возење без возачка дозвола и др. , соопшти Ангеловски, кој потенцира дека акциските контроли продолжуваат и во наредните денови, а целосните податоци од денешната засилена акциска контрола во Охрид ќе бидат презентирани утре.