Кандидатот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, за општина Чашка, Зоран Здравевски, вечерва на митингот во Чашка, истакна дека општината Чашка повеќе нема да биде приватна сопственост како до сега, туку ќе има две нови индустриски зони за нови работни места, јавно претпријатие за локални патишта, реконструкција на сите основни училишта, крај на дивите депонии, урбанистички планови за сите населени места, меѓународен фолклорен фестивал и многу повеќе за решавање на сите проблеми на граѓаните во општина Чашка.
-Ви ветувам како иден градоначалник на Општина Чашка дека мој приоритет ќе биде вработувањето и изнаоѓање егзистенција на младите, општината повеќе нема да биде приватна сопственост, туку сите заедно ќе придонесеме за нејзино разубавување, истакна Здравевски.
Здравевски ги наброи проектите кои гарантира дека ќе ги реализира во Чашка и тоа:
-Формирање на јавно претпријатие на сите локални патишта, на територија на општина Чашка, со формирање на јавното претпријатие ќе се обезбеди редовно, навремено, тековно и зимско одржување на локалната патна мрежа на територијата на општина Чашка;
-Преку реконструкција на постоечките водоснабдителни системи и изградба на нови водоснабдителни системи ќе се подобри водоснабдувањето во населените места;
-Ќе се изработи проектно техничка документација за сите населени места каде има проблем со водоснабдувањето;
-Од годишната програма за комунална инфраструктура ќе се одвојат финансиски средства за тековно одржување на канализацискиот систем во следните села: Оморани, Мартолци, Лисиче, Богомила, Теово, Согле и населба Чашка;
-Ќе изградиме фекална канализација и прочистителна станица во Горно и Долно Јаболчиште;
-Исто така максимално ќе се вложиме да ставиме крај на дивите депонии ширум општината, а за таа цел ќе формираме редарска служба и засилено присуство на комунален инспектор за целата територија на Чашка;
-Ќе спроведеме субвенционирање на енергетски фасади и сончеви колектори, со што ќе се намалат електричните трошоци на училиштата, детските градинки и полициските станици;
-Исто така во координација со идната централна власт планирани се минимум 2 до 3 индустриски зони, кои во значителна мера ќе го поддржат економскиот развој, за овие зони ќе се изработи планска документација, во истите ќе никнат нови инвестиции кои ќе придонесат намалување на невработеноста;
-Ќе ги реконструираме сите постоечки основни општински училишта и во истите ќе обезбедиме најмодерна опрема, како што треба да поседува едно училиште во дваесет и првиот век, а ќе и воведеме награди за 5 најдобри ученици од основното образование, средното образование и за петмина студенти во вредност од една просечна плата;
-Ќе обезбедиме услови за проширување на детската градинка Бамби во населба Чашка;
-Ќе адаптираме најмалку еден објект кој е во сопственост на општината во противпожарна станица, а ќе се заложиме и за набавка на противпожарна опрема за потребите на противпожарното друштво;
-За младите ќе ги реконструираме и изградиме нови фудбалски игралишта;
-Ќе организираме меѓународен фолклорен фестивал Чашка;
-Конечно ќе обезбедиме урбанистичко планска документација за секое населено место во општината, со што ќе се создадат услови за откуп на градежно земјиште,негова трансформација и завршување на процесот на легализација на бесправно изградените објекти;
-Ќе се стремиме кон изградба и одржување на земјоделски пристапни патишта, организирање на саем за здрава храна, како и организирање обука на земјоделците;
-Планираме и адаптирање на општински објекти во народна кујна каде сиромашното население ќе може да обезбеди најмалку еден топол оброк и уште многу други проекти кои ќе придонесат за подобро утре на сите жители на општина Чашка.
Тој го запраша актуелниот градоначалник каде се парите и зошто не е реализиран проектот за водоснабдување во село Горно Јаболчиште, ,зошто се чекаше 4 години за да започне со изградба на канализација во Оморани за која исто така имаше готов проект со обезбедени средства, зошто го чекаше крајот на својот мандат за да отпочне со бетонирање на улици како во населбата така и во селата? – праша Здравески.
-Замислете градоначалникот живее толку скромно што дури ангажирал градинар за да му го одржува неговиот двор. Не сакам ни да помислам колку финансиски средства се спечалени на наш грб со наша пот, за градоначалникот да си го збогати својот возен парк. Време е власта да ја вратиме на народот, затоа што тоа е единственото место каде треба да припаѓа. Доста е со лаги, време е за промени, време е за проекти, време е за победи, рече Здравески.
Здравески ги повика граѓаните на Чашка за се ова да биде реализирано да ја дадат поддршката на ВМРО-ДПМНЕ на 17-ти октомври да ја одберат домаќинска општина, со заокружување на бројот 7.