Во мојата програма има системски решенија за секундарната и терциерната мрежа на гасификација. Има и начин како тоа да се направи. Јас имам еден цел тим експерти кој работи на оваа проблематика и последниве денови ќе го презентираме тоа како цел проект којшто ќе можат граѓаните да го видат, нагласи Данела Арсовска, кандидат за градоначалник на град Скопје во „Топ Тема“ на телевизија Телма.
Арсовска потсети дека Шилегов во својата програма гасификацијата ја најавувал како итна и битна, но од тоа граѓаните не видоа ништо.
„Ова е нешто коешто треба да се направи навистина системски, квалитетно, коешто пред се според мене мерката зад себе го има намалувањето на загадувањето на градот, намалувањето на трошоците на граѓаните, за подобар и поквалитетен живот“, појасни Арсовска.
Арсовска додаде дека не е тешка операција ниту да се исчистат дивите депонии низ градот.
„Прво не сметам дека е голема и тешка операција да се исчистат дивите депонии во градот. Јас, за два месеци колку што сум надвор во секое населено место успеав да видам над стотина диви депонии, големи диви депонии коишто не само што согоруваат отпад туку согоруваат и опасен отпад, да ги детектирам, да ги фотографирам, да ги мапирам не само како индивидуа туку и со граѓаните на сите овие населени места. И верувајте ми не случајно ставив дека во првите 82 дена од својот мандат ќе бидат овие диви депонии расчистени“, рече Арсовска.
Арсовска посочи дека ќе има санкционирање на луѓе кои што ја загрозуваат животната средина.