Ќе бидат остварливи проекти, проекти кои што ќе му го олеснат животот на скопјани и ќе му го направат да им биде подобар и поквалитетен, не само за живот и за работа, туку и за иднината своја да ја гледаат тука, кај нас во Скопје, ветува претседателката на ССК и независен кандидат за градоначалник на Град Скопје Данела Арсовска, во своето гостување во Тема на денот во централниот дневник на ТВ Сител.
Моето лично убедување е дека функцијата градоначалник или прв човек на нашиот град Скопје, не треба да биде да гребе асфалт. Она кое што ќе биде мој проект и кој што ќе биде презентиран во мојата програма, која што ќе биде голема, обемна и позади која не само што стојам јас, лично како човек, туку стои голем и квалитетен тим ќе бидат големи проекти, проекти, остварливи проекти, проекти кои што ќе му го олеснат животот на скопјани и ќе му го направат да им биде подобар и поквалитетен, не само за живот и за работа, туку и за иднината своја да ја гледаат тука, кај нас во Скопје, рече Арсовска.
Во однос на реализација на проектите и предизборната кампања за која не сакаше да открива се уште детали, Арсовска истакна дека сите проекти се со рок, а нејзина цел е програмата да ја реализира за две години, а не како што тоа се прави сега на крајот од мандатот, нагласувајќи дека очекува победа.
Клучните работи кои што сакам да ги кажам, а кои што верувам дека ќе бидат многу важни за скопјани, се оние дека прво и основно сметам дека човекот кој што ќе биде градоначалник односно јас себеси си се ставам на таа линија е дека во својот четири годишен мандат, првите две години треба да ги посвети и да ја реализира во целост програмата која што ќе ја понуди, а во останатите две години да се одржува и да се подобрува и да се даваат дополнителни проекти за сите оние кои што живеат и кои што работат тука. И тоа ќе биде моето ветување, големи проекти кои ќе се реализираат, веднаш, брзо, навремено кои што ќе завршат во првите две години со својата реализација, а не да ги отпочнуваме од крајот на мандатот и кои што верувајте ќе бидат надоградени со нови проекти од кои сите скопјани ќе бидат задоволни, објасни таа.
Очекувам победа. Во спротивно не би се ни кандидирала, ниту би влегувала во ваква трка, за која кажавте вие дека нема да биде ниту малку лесна, ниту малку чесна. Од моја страна можам само да кажам дека ќе се обидам на најдобар начин да се претставам и себеси, меѓутоа да бидам и достоен човек и личност како што Скопје заслужува и градоначалник на кои што сите скопјани ќе бидат горди, порача Арсовска.