Данела Арсовска, кандидатката за градоначалник на Скопје поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, вечерва се сретна со граѓаните на Општина Бутел, каде зборуваше за потребите на оваа општина и за бројните проблеми кои со години се игнорирани. Таа од Бутел порача дека е дојдено времето вистинските професионалци да ја земат работата во свои раце за конечно решавање на децениските проблеми на скопјани.
„Неработниците заминуваат, затоа што за нив не се важни граѓаните на Скопје, важни се само нивните политички кариери. Доаѓа време на брзи решенија. Сега е време за професионалците. За менаџерите. За чесните луѓе кои работат. Не можеме да чекаме уште четири години некој да му ја краде иднината на Скопје. Време е ароганцијата и мрзеливоста да ги замениме со посветеност и ентузијазам. Затоа администрацијата во градот Скопје и јавните претпријатија уште првиот ден ќе добијат налог да ги утврдат сите конкретните проблеми, слабости и недостатоци и за нив да се дадат решенија”, потенцираше Арсовска.
Таа ги најави главните стратешки проекти за Бутел, проекти засновани на практични, брзи и сигурни решенија што ќе го направат Скопје подобро место за живеење, град каков што заслужуваме сите ние.
„Мојата визија е Скопје да биде европска метропола. Тоа е Скопје што го сакам, тоа е Скопје што го заслужуваме. Повеќе нема да има заборавени населби. Не смее се уште да газиме кал по улиците во Бутел во 21виот век. За овие решавање на овие проблеми нема да чекаме 4 години. Мој стратешки проект е нова внатрешна обиколница во Гази Баба и Бутел. Ова ново решение, реализирано со поддршка од централните институции, ќе има карактер на внатрешна обиколница и ќе овозможи побрзо и посигурно поврзување на општина Гази Баба со Бутел и Чаир. Во програмата предвидуваме и нови велосипедски патеки од Бутел преку Чаир кон Центар, нови автобуски линии и автобуски станици во секое населено место, чистење на дивите депонии како таа тука во Бутел, нова противпожарна станица во општина Бутел со капацитет за пет противпожарни возила, нови паркови и зелени површини, нов паметен систем на функционирање на Скопје. Едноставно – град без корупција. Град кој нуди решенија”, истакна Арсовска во нејзиното обраќање до граѓаните на Бутел.
На средбата Арсовска пред бутелчани зборуваше и за сегашната состојба на градот, за бројните проблеми, лошото менаџирање и што може да се направи, осврнувајќи се на скандалозните финансирања кои ги прави Град Скопје, наместо парите да се трошат за проекти кои ќе овозможат подобар живот за сите скопјани.
“Градот наместо да финансира проекти кои ќе значат изградба и подобрување на инфраструктурата, гледаме дека со години финансирал сомнителни проекти од кои имаат бенефит некои пријатели на досегашните предводници на градот, а голем број наши деца и нивните семејства се изложени на скандалозни трауми претставени како некаква едукација. Денес градот Скопје се правда дека не знае каде му оделе парите. А кога јас велам дека парите се расфрлаат на глупости, на пријателчиња и нивни организации и фирми, на тендери, на партиски вработувања, и кога јас велам дека заради тоа во Скопје не се гради, нема инфраструктура и нема ред во сообраќајот, сакаат да се потсмеваат, а всушност се потсмеваат со интелигенцијата на сите Скопјани. Наместо пари за нивните и тоа како сомнителни пријателчиња, ќе има пари за нови еколошки автобуси. Наместо пари за скандали на штета на нашите деца, ќе има пари за бесплатен автобуски превоз за сите. Наместо пари за преплатени тендери, ќе има пари за заборавените населби низ Скопје. Штом давате пари за скандали, немате пари за основните потреби на скопјани”, потенцираше Арсовска.