понеделник, 11. декември 2023. Вести денес: 0
home Скопје

Арсовска: Во Скопје ќе се изградат тактилни патеки за лицата со оштетен вид и ниски платформи за лицата со инвалидитет

Арсовска: Во Скопје ќе се изградат тактилни патеки за лицата со оштетен вид и ниски платформи за лицата со инвалидитет

Градот Скопје ќе биде пример за град каде се промовира социјална правда, ова е една од заложбите на независната кандидатка за градоначалник на Град Скопје, Данела Арсовска.

– Градот на хуманоста и градот на солидарноста мора да се грижи за ранливите групи граѓани. Не е лесно да се живее со попреченост и затоа мојата програма нуди брзи и сигурни решенија што ќе овозможат подобро функционирање на градот за сите негови граѓани. Се предвидуваат пристапни рампи и лифтови во сите објекти, инфраструктурно подобрување во сообраќајот, семафори со звучна сигнализација за лицата со попреченост, а новите автобуси ќе имаат соодветни ниски платформи за лесен пристап за лицата со инвалидитет. Накратко, ќе реализираме издржани проекти и системски решенија што ќе овозможат олеснување на животот на оваа категорија граѓани, истакна Арсовска.

Таа, исто така најави дека при планирањето на новите улици и реконструкцијата на постојните во градот Скопје, ќе се вградат решенија, како и изградба на тактилни патеки за потребите на лицата со оштетен вид.

– Неопходно е лицата со попреченост да бидат вклучени во сите сфери од општеството, а тоа се предвидува во мојата програма. Како градска администрација ќе воведеме заштитна квота за нивно вработување, а спортските игралишта ќе ги направиме инклузивни за децата со попреченост, додаде кандидатката за градоначалник.

Арсовска вети и дека нема да заборави на најстарите членови од семејствата и дека на волонтерска основа ќе обезбеди помош за старите лица. Секоја недела ќе се доставуваат намирници од основни производи, нега, набавка на лекови во нивните домови.

– Затоа што Скопје мора да биде град каде ќе се почитува секој граѓанин еднакво, кандидатката за градоначалник смета дека е неопходно отворање на центар за жртви од семејно и родово базирано насилство и насилство базирано врз основ на сексуална ориентација. Потребни ни се брзи и сигурни решенија, а денешните предложени ќе го олеснат животот на оние на кои треба да им посветиме посебно внимание, заклучи за крај таа.