„Јас на граѓаните можам да им понудам решение како во следните две години ние градот да го направиме навистина убаво, европско, современо место за живеење каде што ќе бидеме горди едноставно дека живееме, работиме и да ни растат децата во убав град“, истакна Данела Арсовска, независниот кандидат за градоначалник на Скопје во емисијата „Студио 10“ на телевизија 24.
Арсовска додаде дека во Скопје недостига Луна паркот, Универзална сала која што навистина треба да биде место за уметноста, за културата. Тука е и животот во Старата скопска чаршија, место кое што би требало да биде центар за посетители од цела Македонија.
„Луѓето сакаат да знаат дека се еднакви, тоа е она кое што го сакаат, бараат систем. Бараат систем во кој ќе знаат дека не се само тие единствените кои што ќе го почитуваат она што постои како пропис, туку прописите и законите ќе важат за сите“, рече Арсовска.
Арсовска посочи дека таа како човек има покажано дека има интегритет, дека е човек кој тоа што ќе го вети ќе го исполни односно реализира.
„Ќе одам секаде, секое место ќе посетам, сите се скопјани, никого нема да делам. За мене нема поделби, а тоа ќе се покаже и ќе се докаже“, нагласи Арсовска.