Директорот на ЈП „Улица и патишта“ Борис Настов поднесе неотповиклива оставка. Вели дека градоначалничката Данела Арсовска нема разбирање за реализација на проект и нема адекватна комуникација.
-Најнапред сакам да се заблагодарам за довербата и поддршката што ми беше дадена за да раководам со ЈП Улици и патишта.
Пред 9 месеци, кога станав в.д. Директор на ЈП Улици и патишта, затекнав претпријатие во многу лоша состојба, како финансиски, така и во однос на реализацијата на проектите. Во изминатиот период работев напорно заедно со моите соработници, наспроти сите предизвици и проблеми, за да се подобри работењето на претпријатието, а во функција на исполнување на очекувањата на граѓаните. Мојата мотивација во работата беше реализација на проектите кои им ги ветивме на граѓаните на Град Скопје.
Иако преку спроведните проекти и воспоставените добри практики во работењето на претпријатието многу работи се подобрија, реализацијата на проектите не се одвиваше според моите и очекувањата на граѓаните.
Затоа, ве известувам дека давам неотповиклива оставка на местото в.д. директор на ЈП Улици и патишта. Оваа моја одлука ја донесов како резултат на неадекватната комуникација со Градоначалничката на Градот Скопје, како основач на Претпријатието, како и немањето на разбирање при реализаиција на клучните проекти од интерес на Градот, а за кои јавното претпријатие имаше можност и потенцијал. Неможноста и покрај сите мои искрени намери и напори да воспоставиме меѓусебно разбирање, соработка и почитување како неопходни фактори за успешна имплеметација на зацртаните проекти и активности на претпријатието, придонесоа кон донесување на оваа моја одлука.
Искрено им се заблагодарувам на сите вработени и соработници во претпријатието кои работеа деноноќно на сите проекти и покрај отежнатите услови на функционирање, секогаш исполнувајќи ги задачите на највисоко професионално ниво, пишува Борис Настов на Фејсбук.