Скопје доби нова туристичка атракција, Дино паркот лоциран веднаш до скопската зоолошка градина е официјално отворен за посетители. За сите оние кои сакаат да се впуштат во нови и возбудливи авантури, да дознаат нешто повеќе за неверојатниот свет на диносаурусите и имаат желба да видат како изгледале Тираносаурус, Стегосаурус и Алосаурус во природна големина, од денеска ќе имаат прилика тоа да го искусат и доживеат.
Дино паркот се простира на површина од 2000 квадратни метри и има вкупно 41 реплика на диносауруси од креда и јура периодот, од кои дел се во природна големина со синхронизирани движења, проследени со звуци.
-Дополнително во Дино паркот функционално се распоредени и придружни елементи – патеки, зеленило и дел за одмор. Ова е првиот Дино парк на Балканот каде што има толкав голем број фигури од праисториски животни, како и едукативни содржини за секој од различните видови животни. Токму поради тоа очекуваме овој парк да прерасне во туристичка атракција која заедно со зоолошката градина која и сега е полна со посетители, дополнително ќе ја збогатат туристичката понуда на градот . Скопскиот Дино парк е еден од најзелените тематски паркови во Европа, со засадени над 300 садници на ниски и на високостеблести растенија – кажа Шилегов.
Тој дополни дека за изградбата на овој парк од Буџетот на Град Скопје се потрошени околу 350 илјади евра, што во време на епидемијата со корона вирусот претставува добра замена, неколкукратно поевтина од забавниот парк, чија изградба мораше да ја одложиме за една година.
Дино паркот има два влеза, еден од внатрешноста на Зоолошката градина и уште еден од страната на Градскиот парк, а билетот за влез ќе чини само 50 денари.