сабота, 2. декември 2023. Вести денес: 0
home Скопје

Го ветуваше и градоначалникот Шилегов, сега го ветува и кандидатот за градоначалник Шилегов: Забавниот парк сè уште само СОН за граѓаните!

Го ветуваше и градоначалникот Шилегов, сега го ветува и кандидатот за градоначалник Шилегов: Забавниот парк сè уште само СОН за граѓаните!

Истиот проект што го ветуваше и не го реализираше градоначалникот Петре Шилегов, сега го вметна во партиската програма и го ветува кандидатот за градоначалник Петре Шилегов. Сонот на граѓаните, пред се на скопјани, да имаат забавен парк во градот, се уште е само СОН!

Кандидатот на СДСМ за градоначалник на Скопје Петре Шилегов денеска на прес-конференција го презентраше „новиот“ забавен парк, кој ќе се наоѓа на местото на стариот Луна парк и чија изградба, како што вели нема да има буџетски импликации врз Градот Скопје.

Шилегов, кој како градоначалник најави дека Забавниот парк ќе биде пуштен во употреба до средината на 2020 година, сега како кандидат за градоначалник најави дека паркот треба да биде готов летото 2023 година.

Една и пол година по одлуката на Советот да се одложи изградбата на паркот, денеска Шилегов најави дека неговата изградба ќе почне на крајот на оваа година. -За забавниот парк градот има завршено проект, обезбеден буџет, соодветен план за јавни набавки и соодветна локација за градба, информира Шилегов.

Забавниот парк, како што појасни, ќе се наоѓа на местото на стариот Луна парк, на иста парцела, со иста големина и со ист број на дрвја, бидејќи, како што рече, проектот го проектирале внимателно со цел да ја заштитат животната средина во градскиот парк. Предвидени се 27 реквизити, односно содржини за три различни возрасти на граѓани – детски дел, семеен дел и екстремен, адреналински дел.

-Адреналинските содржини ќе бидат користени и од повозрасните, како на пример ролеркостер, кој ќе биде најголем на Балканот, а ќе можат да го користат и возрасните. Паркот може да прими повеќе од 3000 постетители секој ден или преку милион посетители годишно. Ќе биде изграден по стандарди за квалитет и безбедност. Покрај реквизитите предвидуваме содржини на ресторани, сувенирници, тоалети, друг тип продавници и придружни содржини за пристоен престој на посетителите, информира Шилегов.

Тендерот, како што рече тој, ќе го распишат после изборите, а паркот треба да биде готов летото 2023 година, односно за 18 месеци.

-Креираме нови работни места, ја помагаме локалната економија, проектот е целосно самоодржлив, за реализација на овој проект ќе се бара инвеститор кој ќе го финансира овој проек и нема да има буџетски импликации врз градот. Еднаш кога ќе почне да работи сам ќе се исплати. Се очекува паркот да се исплати за три години од неговото зпаочнување со работа. Скопјани го добиваат најдобриот парк во регионот за нула денари, информира Шилегов, додавајќи дека планирани се најмалку 200 вработувања во новиот забавен парк.

Со ова, според Шилегов, Скопје станува регионален туристички центар, а најави дека на местото на сегашните бараки, бидејќи е во тек постапката за набавка на нова градска куќа, ќе изградат голем паркинг и влез во градскиот парк. -Во паркот ќе овозможиме да се развива т.н. семеен туризам, со оглед на тоа што во најмалку 300 километри радиус од Скопје ваков тип на забавен парк и целосен концепт не постои, заклучи Шилегов.

Шилегов практично денеска презентираше Забавен парк кој скопјани веќе заборавија дека некогаш ќе се изгради.

Во средината на 2019 година, градоначалникот Шилегов под името „The world“ на прес-конференција го промовираше тематскиот забавен парк, кој требаше да биде изграден на местото на стариот Луна Парк, а според проценките требаше да биде пуштен во употреба до средината на 2020 година.

И тогаш Шилегов ветуваше дека новиот забавен парк ќе опфаќа најсовремени реквизити кои ќе им нудат забава на сите посетители без оглед на нивната возраст.

-Проектирано е во паркот да има 3 зони- детска, фамилијарна и адреналинска зона, во кои ќе се постават 24 различни реквизити и содржини. Самиот парк ќе се протега на истата површина како и досега, а сите реквизити во паркот ќе се поставуваат, односно лоцираат, според постојните дрвја на парцелата. Забавниот парк ќе се простира на околу 26.000 квадратни метри, беше презентирано на прес-конференцијата во 2019 година.

За потсетување

Луна Паркот започна да го гради минатиот градоначалник на Скопје, Коце Трајановски кој им вети на граѓаните нов забавен парк по 44 години. Во проектот беа најавени 27 реквизити, од кои 3 адреналински, 6 семејни и 18 детски реквизити.

За Луна паркот кој започна да се гради од претходникот на Шилегов, беа отпочнати и градежни работи во вредност од 4 милиони евра, инвестиција на Градот Скопје.

Но, Шилегов сето ова го стопираше и не го дофинансира проектот, туку реши дека да бара јавен приватен партнер.

Инаку, пред Шилегов да го запре градењето на Луна Паркот, во март 2017 година пристигнаа првите седум реквизити за новиот парк што сега некаде уште фаќаат прашина и можеби се плаќа лежарина за нив.

Едно е сигурно, највеќе изгубија граѓаните кои сега нема никаков забавен парк за забава и разонада.

 

K.B.